Пане Ризов, сопственик на студиото „Булфрог тату” е тату-артист кој што ја изработи тетоважата со ликот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, на ногата на негов обожавател.
За „Фокус”, Ризов раскажува дека изработката поминала лесно и целата процедура траела помалку од четири часа, но сепак се уште не била комплетно завршена. Следувала фина доработка на ситните детали, со цел ликот на градоначалникот да го добие финалниот изглед.
-Желбата на мојот клиент беше да не го откривам неговиот идентитет, инаку, се работи за лице од Кавадарци, добро познато во целиот град, но оставам на него доколку тој се реши да даде интервју и да раскаже кој бил мотивот за ова интересно дело. Инаку, целата процедура се заврши за кратко време, мене идејата да го истетовирам ликот на градоначалникот ми дојде како предизвик, па му дадов околу 60 проценти попуст, бидејќи тетоважата чини 150 евра. Потребни се уште неколку мали корекции и дополнувања за да ликот биде сосема автентичен – појаснува Ризов.
Ризов е 22 – годишно момче, кое веќе две години професионално се занимава со тетовирање во своето студио. Пред тоа, две години тетовирањето му било само хоби. Раскажува дека сретнал секакви клиенти, со најразлични барања, а секогаш се трудел да ги исполни нивните желби, со цел да си заминат задоволни од студиото.
-Доаѓаат луѓе со најразлични барања, тетовирам ликови на познати рок ѕвезди, на холивудски актери, имиња, симболи… Ова е прв пат како тетовирав политичар и ми беше голем предизвик. Обично, зад секоја тетоважа има некоја приказна, некои од клиентите сакаат да ја раскажат, некои си ја чуваат за себе. Мене ми е должност да ја изработам најдобро што можам, бидејќи тетоважата станува неизоставен дел од нивниот живот. Во текот на денот може да се случи да имам и по три – четири тетовирања, драго ми е што имам задоволни клиенти – вели тату артистот.
Додава дека кавадарчанецот кој што го истетовира ликот на градоначалникот храбро го издржал целиот процес, а за краток период тетоважата ќе го добие конечниот лик и ќе биде многу поавтентична.
„Фокус” успеа да го открие и идентитетот на кавадарчанецот, обожавател на Јанчев, и стапи со него во контакт, но тој одби да даде изјава и да го појасни мотивот за оваа невообичаена тетоважа.
Вики Клинчарова