На социјалните мрежи пред неколку дена објавена е фотографија на која се гледа како директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов наздравува со поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков осуден на 16 години затвор за упадот во Собрание, што се случи на 27 април 2017 година.
Фотографијата е објавена по повеќе од еден месец откако Управата за извршување на санкции на Чавков и уште неколумнина осудени за „крвавиот четврток“ им издаде прекин на затворската казна од 30 дена врз основа на доставена медицинска документација.
Прекинот на казните, дел од осудените за 27 април ги добија кратко откако Пандов беше назначен за нов директор на Управата. Тој во изјава за „Фокус“ тврди дека фотографијата била направена во 2017 година и не гледа судир на интереси со оглед на тоашто прекинот на казната, Чавков и дел од другите осудени го добија откако тој беше назначен за директор.
Пандов тогаш тврдеше дека на секој затвореник кој ќе поднесе медицинска документација потпишана од лекар специјалист, ќе добие прекин на казната.
– Секој еден што ќе дојде со медицинска документација дека има акутно заболување, кое што е потпишано од лекар специјалист дека во итен период треба да се лекува таа болест, ќе му издадам прекин. Да потсетам дека по шест и пол години тие луѓе скапуваат по затвориве низ Македонија. Јас не можам како човек да не дадам таков отпуст на тие луѓе, рече Пандов.
За Чавков кажа дека имал тешка повреда на коленото и морал да оди на физикална терапија.
– Има тешка повреда на коленото, притоа што му прават на човекот, му даваат да оди на физикална терапија во „Цар Самоил“, но не го отпуштаат, туку секој ден со повреда од Затвор Штип го носат до „Цар Самоил“ и го враќаат. Специјалист пишал дека тоа треба да се направи, притоа дека два пати во годината треба да има таков третман, тврдеше Пандов.
Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за неделникот „Фокус“ кажа дека не гледа ништо ненормално во одлуката на Пандов.
-Мојот став бил и е дека тие луѓе не бараат амнестија, туку правда врз основа на тоа што го сториле, а не на тоа што им е монтирано. Имаме докази дека овие случаи се монтирани и тие докази истражните органи ги истражуваат. И доколку констатираат тоа што мислиме ние дека се случувало, тогаш правдата треба да дојде. Тие не велат дека не згрешиле. Да, сме згрешиле, но дајте за тоа што сме згрешиле. Не сме ние терористи. Не може Македонија да биде земја со најголем број терористи пер капита, по жител. Јас го слушнав в.д. директорот на Управата за санкции (Александар Пандов) дека секој оној што ќе приложи белешка од специјалист дека ќе биде пуштен. И тука не гледам ништо ненормално, рече Мицкоски.
Радио Слободна Европа објави дека со судско решение прекинот на издржување на казната им е продолжен на Митко Чавков (до 21 ноември), на Митко Пешов (до 16 ноември), на Оливер Поповски (до 22 септември) и на Душко Лазаров (до 25 септември). Александар Јаневски – Тошта и Јане Ченто пак веќе се вратиле во затвор.
Иако сегашната власт во кампања најавуваше помилување на овие осуденици, се најавуваше и барање за повторување на судењето со нови докази, сепак досега нема ништо од овие најави. Единствено дел од осудените добија прекин на казната.
Ф.Ф.С.