„Пандорината кутија” на Боки 13, сепак, останува затворена за јавноста

by fokus

Судијката Васка Николовска Масевска на барање на oбвинителката што го води случајот “Рекет”, Вилма Русковска, сепак, ја исклучи јавноста и новинарите нема да ги слушнат снимките од УСБ -то на осудениот Зоран Милевски-Кичеец.

За овие снимки обвинетиот Бојан Јовановски рече дека со нив ќе се отвори „Пандорината кутија”, но изненадувачки, Русковска на почетокот на судењето стана и побара да биде исклучена јавноста.

-Барам да биде исклучена јавноста  бидејќи се слушаат имиња на луѓе чиј углед може да биде нарушен, рече Русковска. Обвинетите, Бојан Јовановски и Катица Јанева веднаш станаа и бараа јавноста да остане за да ги слушне снимките.

-Се противиме на ваков предлог, вчера обвинителката кажа дека јавно ќе бидат изведени доказите, рече адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска.

-Нема ништо загрозувачко во тие снимки, Ви гарантирам, ако не се запознае јавноста која е целта на доказите.Нема причини за исклучување на јавноста, рече Јанева.

На ова судијката и одговори дека целта на доказите не е да се убеди јавноста, туку обвинителството да го убеди судечкиот совет.

-Барам да биде оставена јавноста за да се спречат било какви шпекулации за тие снимки, во интерес на јавноста. Вие го имате последниот збор, но во овој случај се изнаслушавме шпекулации за мене и за мои блиски чиј углед беше нарушен. Сметам дека образложението на обвинителката не е издржано, рече Јовановски.

-Во однос на снимките од „Ла верита” иако имаше повреди на мојот личен интегритет, обвинителката не побара јавноста да биде исклучена, рече Јанева.

Сепак, судот ја исклучи јавноста.

– Судечкиот совет донесе одлука јавноста да биде исклучена, бидејќи на снимките има имиња на лица кои не се инволвирани во кривично- правниот настан и не се опфатени во кривична постапка, рече судијката.

Обвинителката Русковска вчера во изјава за медиумите порача дека спорните снимки од УСБ-то на Кичеец, за кои обвинетите рекоа дека ќе докажат кој е манипулиран, сепак, ќе бидат изведени како докази.

-Одбраната и обвинетите направија голем проблем околу тоа. Сметав дека прикажувањето на тие разговори е непотребно одолговлекување на постапката. Сепак, поради јавноста и да нема никакво сомнение во тоа дека обвинителството не сака да прикаже некакви докази кои наводно одат во корист на одбраната, предложив тие снимки да се слушнат и мило ми е што судијката прифати, изјави вчера Вилма Русковска.

Ф.Ф.С.

 

 

Поврзани новости