Пандора е најплатената пејачка во Македонија: Бакшиш од 24.000 евра за една свадба!

by fokus

Пандора Гостивари, скромна по природа, вљубена во музиката и дел од естрадата уште од свои 12 години,кога за прв пат го зела микрофонот во раце, е една од најбараните, но и моментално најплатените пејачки од земјава. Иако премногу не се експонира во јавност, на нејзината официјална страница можат да се погледнат видео снимки од нејзините настапи, на кои таа настапува, најчесто седи додека пее, а еуфоричната публика ја опсипува со пари.

На страницата на музичкиот канал Јутјуб пак, нејзините видеа имаат и по два милиони прегледи.

Која е Пандора, скромната пејачка на која цела агенда за 2022 година веќе и е исполнета со закажани гостувања во земјава и странство, за ,,Фокус” раскажува нејзиниот сопруг и менаџер, инаку познат во јавноста како сопственик на ,,Elite cars nmk”, компанија која се занимава со изнајмување на луксузни автомобили и продажба на возила.

-Со сопругата Пандора и ќеркичката која има осум години живееме на релација Гостивар – Америка. Пандора е доста популарна, настапува со стари изворни албански песни најчесто, и иако е млада, има 27 години, таа речиси 15 години е посветена на музиката. Јас ја менаџирам нејзината кариера, успевам да балансирам помеѓу мојот бизнис со автомобилите и редовните настапи на сопругата.

Моментално се подготвуваме за турнеја во Германија, од таму продолжуваме во Швајцарија. Интересот на нашата дијаспора за Пандора е огромен, во наредниот период имаме закажано околу 80 свадби. Агендата за речиси цела 2022 година и е исполнета, публиката ја сака и ја бара да настапува. Хонорарот за свадба изнесува 2.000 евра, без бенд, заедно со бенд е 3.000 евра. Секаде каде што настапила, луѓето биле задоволни – раскажува тој.

Додава дека снимките на кои се гледа како Пандора е опсипана со бакшиш додека пее, зборуваат за тоа колку таа и значи на публиката. Вели дека најголемиот бакшиш кој го добила за време на свадба во Германија изнесувал 24.000 евра.

-Горд сум на сопругата која со талент, со прекрасниот глас и со својата скромност успеа да стане најбараната пејачка во земјава. Зад себе има авторски песни, дуети, посветена е на музиката, иако не е многу експонирана во земјава. Но, прегледите на Јутјуб на нејзините песни, како и понудите за настапи, зборуваат сами за себе кога е нејзината популарност во прашање – појаснува тој.

Околу големите суми на пари кои ги заработува неговата сопруга на настапите, вели дека најчесто ги вложуваат во автомобили. Наскоро планирал да отвори голем плац за продажба на автомобили во Гостивар, бидејќи бил вљубеник во автомобилизмот.

-Моите луксузни автомобили често може да се видат во видео спотови на наши пејачи, ги изнајмувам и за свадби, свечености… Се грижам за музичката кариера на Пандора, се грижам и за бизнисот, работиме чесно и посветено, со љубов. А кога така се работи, успехот е неминовен – ни изјави сопругот и менаџер.

Вики Клинчарова

Поврзани новости