Македонската фудбалска репрезентација минатиот четврток направи неверојатен успех, пласирајќи се на Европското првенство 2020 година, кое се одложи за в година, иако беше планирано да се одржи ова лето. До ваквиот подвиг се стигна благодарение на победата над Грузија, а главен „виновник“ беше најдобриот македонски фудбалер, Горан Пандев.
Пишува: Јорданчо ЦВЕТАНОСКИ
Само еден гол беше потребен за Грузијците да ги фрли во плач, а навивачите од Македонија да доживеат спортски „земјотрес“ кој траеше до раните утрински часови. Неверојатното проигрување на Елмас и Несторовски беше кобно за грузискиот голман Лорија, кој беше немоќен пред ладнокрвниот Пандев.
Фудбалерот кој пред пет години се врати во селекцијата, беше човек на одлука за можеби најважниот натпревар за нашата селекција. И покрај неговите 37 години, тој се уште е една од најважните алки во нашиот национален тим.
„Среќен сум што повторно ќе бидам дел од репрезентацијата на Македонија. Разговаравме со новиот селектор и подготвен сум да се вратам во националниот тим. Сега имаме сосема друга цел. Да се обединиме и да се обидеме да бидеме успешни“, изјави тогаш Пандев, а селекторот Игор Ангеловски, беше тој кој го убеди популарниот Гоче повторно да го облече нашиот дрес.
За само пет години подоцна, истиот тој Пандев да го совладаат емоциите во Тбилиси и да ја одведе Македонија на едно големо фудбалско натпреварување.
ПАНДЕВ: КОРОНАТА МИ ЈА ПРОДОЛЖИ КАРИЕРАТА
Во моментите кога најголем дел од фудбалерите ќе ја преминат границата од 35 години, веќе размислуваат за пензионирање, но не и нашиот Пандев. Тој им пркоси на годините и самиот е во неверица дека на 38 години ќе игра на еден таков спортски настан.
„Среќни сме, во следните денови ќе се свестиме дека сме на ЕП. Уште ние фудбалерите недостасуваше да се пласираме на едно ЕП. Не верував дека на 38-години ќе се пласирам на едно ЕП. Добро е што дојде овој корона вирусот, па ми ја продолжи кариерата уште малку. На цела Македонија и се оствари сонот“, рече Пандев по стигнувањето во Скопје.
Тој дебитираше за македонската селекција во 2001 година на натпреварот против Турција, а оттогаш, Пандев запиша 114 натпревари (вклучително и мечот со Грузија) во националниот тим, а на своето конто има 36 погодоци.
Факт е дека неговата одлука повторно да му се врати на репрезентативниот фудбал е можеби најдобра, и за него, но и за македонската фудбалска репрезентација.
Честитки за придонесот на Горан Пандев во нашиот тим доаѓаат од сите страни, а пофални зборови за него има и поранешниот репрезентативен соиграч Илчо Наумоски.
Тој во изјава за „Фокус“ не ја криеше радоста за неверојатниот успех што го направија нашите фудбалери.
„На Пандев треба да му се дигне споменик. Без него немаше шанси да играме на сите натпревари. Сега се е можно. Нема потреба да се оптоваруваме за нашите идни противници. Треба да се пристапи без притисок“, вели Наумоски, кој играше за Македонија од 2003 до 2012 година.
ПЛАСМАНОТ НА ЕП Е ДОКАЗ ДЕКА СЕ РАБОТЕЛО ТИМСКИ
Но, сепак, еден играч не го прави цел тим. Фудбалот е колективен спорт, но и на селекторот Ангеловски јасно му е значењето на струмичкот ас.
„Сите фудбалери одиграа перфектно во сите досегашни натпревари. Ги упатувам честитките до сите. Но, со Горан Пандев е се полесно, многу сме смирени кога знаеме дека тој е на терен“, вели за „Фокус“, селекторот Ангеловски.
Мрме, како што е познат во спортската јавност, е задоволен од досегашните прикажани натпревари на нашиот национален тим и особено му е драг пласманот на континенталното натпреварување.
„Кога ќе се пласирате на едно големо натпреварување како Европско првенство, знаете дека сте направиле вистинска работа. Немам никакви забелешки за никого, едноставно работата исплива на површина и многу сум среќен“, додава Ангеловски.
Тој дебитираше на клупата на Македонија на 12 ноември 2015 година, со победа над Црна Гора од 4-1, за после пет години конечно да ги состави коцките во нашата национална селекција.
Ангеловски вели дека не сака да се оптоварува и да размислува за противниците, затоа што како што вели, има време и за тоа дополнително ќе се подготват и ќе се прават анализи.
Наши противници до година во јуни ќе бидат репрезентациите на Холандија, Австрија и Украина од Групата Ц. Првиот меч е против Австрија на 13 јуни, потоа за четири дена се среќаваме со Украинците, за на крај да ги одмериме силите со Холандија, која е апсолутен фаворит во нашата група.
ГО ЗАСЛУЖИВТЕ ЕПИТЕТОТ – СПОРТСКИ ХЕРОИ
И првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини е радосен на успехот и верува дека нашиот тим ќе има уште многу вакви моменти за прославување.
„Радосни сме, од срце им честитам на македонските фудбалери за историскиот резултат. Тие го заслужија епитетот – спортски херои. Верувам дека ќе имаме уште многу вакви моменти кои заедно ќе ги прославиме. Се гледаме на Европско, напред Македонија“, рече Сејдини за официјалниот сајт на ФФМ.
Сите соседни медиуми напишаа за нашиот успех, не штедејќи зборови на пофалба за прикажаните игри на момците на Игор Ангеловски.
Убави зборови на сметка на сите наши репрезентативци упати и реномираниот британски медиум Би-Би-Си.
„Погледнете што значи ова за нив. Еве зошто постои фудбалот“, напиша медиумот од Велика Британија.
И медиумите од Македонија не трошеа зборови за изданието на нашите фудбалери. Спортскиот новинар Атанас Костовски вели дека конечно е остварен еден сон на фудбалско поле.
„Момците со Грузија одиграа прекрасен натпревар. Единствено жалам што на мечот на беше човекот кој го постигна првиот гол во македонскиот репрезентативен фудбал, Зоран Бошковски-Чоко. Сметам дека можеше да се најде место во авионот, за и тој да биде присутен таму“, вели Костовски.
Мајсторската акција на Пандев-Елмас и Несторовски ќе се запише во аналите на фудбалската историја на Македонија. Велемајсторија која предизвика воодушевување кај сите фанови.
„Сите дилеми се разрешија со акцијата на македонските „Италијанци“ – Пандев од Џенова, Елмас од Наполи и Несторовски од Удинезе. Таа буквално потсетува на епохалните дела од Бигорски манастир“, додава нашиот соговорник.
Задоволството е големо и кај поранешниот македонски селектор Ѓоко Хаџиевски, кој беше на кормилото на селекцијата од март 1996 до јуни 1999 година. Според него, пласманот на ЕП е сосема заслужен и никој тоа не смее да го оспорува.
„Нема човек што не е среќен на ваквиот успех. Задоволството е навистина големо. Претходно ги имавме ракометарите, кошаркарите и редно време беше да ги дочекаме и фудбалерите на еден голем настан. Сега треба патриотизмот да го зголемиме, затоа што со мултиетничка екипа го направивме тоа“, смета Хаџиевски.
СЕГА ПОВЕЌЕ ТРЕБА ДА СЕ ИНВЕСТИРА ВО ФУДБАЛОТ
Со овој успех, веќе и политичарите, но и останатите европски земји ќе не гледаат со други очи, смета искусниот стратег. А, реакцијата кај јавноста е непроценлива.
„Многу ме израдува реакцијата кај јавноста. Не се најде никој да рече „вака“ или „така“ се пласираа. На крајот, резултатот е најважен. Сега треба сериозно да се сфатат работите, добро да се анализираат противниците, нивните слабости и нивните силни страни“, анализира Хаџиевски.
Тој смета дека треба многу професионално да пристапиме, со цел да направиме нешто на тоа натпреварување, а не да бидеме таму само учесници.
„Треба отсега да се подготвиме за тоа ЕП. Да не дозволиме учеството на тоа натпреварување да биде горливо. Да ги задржиме симпатиите и оваа еуфорија која деновиве владее во Македонија“, смета нашиот соговорник.
Селекциите против кои ќе играме не се воопшто наивни, смета некогашниот тренер на репрезентацијата. На терен треба да се излезе максимално подготвени и внимателни.
„Украина игра одличен фудбал покрај нивниот тренер Шевченко. Сите знаеме за каков напаѓач станува збор. Австријците имаат добар тим, не победија на домашен терен со 4-1. Мислам дека најсилни во групата се Холанѓаните. Имаат брзи играчи, многу млади кои одлично се движат на теренот и покриваат повеќе позиции. Ќе треба да внимаваме на сите позиции на теренот“, анализира Хаџиевски.
Ваквиот успех треба да ги разбуди надлежните повеќе да инвестираат во фудбалот, за почесто да бидеме сведоци на вакви неверојатни моменти, ја заврши констатацијата Хаџиевски.
Сега останува, со ладни глави да се „преживее“ фудбалската еуфорија, а селекторот Ангеловски заедно со неговиот стручен штаб ќе треба да направат длабинска анализа на нашите противници. Јуни е далеку, но многу брзо ќе се искриви сликата кај јавноста ако ЕП го дочекаме неподготвени и излеземе на терен со бело знаме. Долго време чекавме на ваков успех и сите посакуваме пристојни партии на „рисовите“.
УЕФА: ВНИМАВАЈТЕ НА ЕЛМАС, ПАНДЕВ Е НАЈВАЖЕН!
УЕФА во својата анализа го претстави македонскиот национален тим со неколку клучни точки. Според нив, најважен играч во тимот, е Горан Пандев, кој зад себе носи 20 години кариера и искуство на кое многумина можат да позавидат.
Ељиф Елмас е потенциран како играч на кој најмногу треба да се внимава поради неговата неверојатна визија и е претставен како наследник на Пандев откако тој ќе се повлече.