Спортските легенди Горан Пандев, Кирил Лазаров и Игор Стефановски-Иџе веќе нема да рекламираат казина, обложувачници и брзи кредити, најави на денешната прес-конференција министерот за спорт – Борко Ристовски, кој појасни дека со спортистите бил направен „џентлменски договор“ во врска со ова прашање.
Според Ристовски, не е спорно која било компанија да финансира спортски клуб или федерација, но како проблематично го гледа експонирањето на истакнатите спортисти како личности во рекламите од овој тип.
„Не сакаме истакнатите спортисти, спортски легенди да се истакнуваат како личности во тие реклами за казина, обложувачници или брзи кредити. Нашата замерка е во таа насока и веќе имавме разговори со сите оние спортисти коишто ги рекламираат таквите казина и обложувачници. Направивме еден џентлменски договор дека Горан Пандев веќе нема да рекламира спортска обложувачница, Игор Стефановски-Иџе повеќе нема да го рекламира тоа што го рекламира, на Кире Лазаров му престана и нема да го продолжи договорот со којшто ги рекламираше казината и обложувачниците“ – рече Ристовски.
Сите овие личности, додаде министерот, многу наскоро ќе ги видите од другата страна како промовираат вистински вредности кои треба да ги промовира еден успешен спортист.