Најдобриот македонски фудбалер и капитен на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, ќе го повлече својот клубот Академија Пандев од Првата лига ако Фудбалската федерација на Македонија не го усогласи статутот со Законот за спорт, објави „360 Степени“.
-Со нашиот газда, идол на сите во Македонија, веќе сериозно размислуваме со Академија Пандев да се повлечеме од актуелното играње во Првата лига, сѐ додека не се усогласи Статутот на ФФМ со Законот за Спорт. Последното Собрание на ФФМ (кога беше реизбран Муамед Сејдини – н.з.) е нелегитимно закажано и нелегитимно одржано, зашто поголем дел од клубовите не го поддржаа. Ние како клуб сакаме да се почитува нашиот глас, нашето право, а ако може ние како клуб да ги почитуваме сите закони во Македонија, тогаш мора и ФФМ да ги почитува сите законски акти, вклучувајќи го и Законот за спорт. Во моментов во актуелното раководство на ФФМ, само еден член од Управниот одбор има некаква релација со клуб и тоа е Добре Иванов со Силекс – изјавил Југослав Тренчовски. соработник на Пандев.