Младинската организација Transparent Future, водена од помислата да придонесе за културниот и забавен живот на младите, посебно во време на пандемија, кога се замрени голем број од културните и социјални манифестации, започна со проекција на филмови на отворено кино.
Своевремено доста популарното DRIVE IN Cinema, каде посетителите го следат филмот од своите автомобили на отворено, стартуваше во Велес.
Од организацијата информираат дека посетеноста била голема, а пред почетокот на проекцијата на филмот, која се одржа на паркингот кај Кит-Го, посетителите ги забавувал диџеј.
-Премногу сме задоволни од заинтересираноста и посетеноста од страна на нашите граѓани, затоа решивме овој проект да трае до крајот на летниот период – за ,,Фокус” појаснуваат од Transparent Future.
За време на настанот, запазени се сите мерки на заштита.
Во автомобил е дозволено максимум две лица, кои го следат филмот од внатрешноста на возилото. Доколку некој сака да биде услужен со храна и пијалок, треба да вклучи четири трепкачки светла. Се нудат повеќе пакети, во кои е вклучен пијалок, пуканки, гумени бонбони, чоколади, чипс, по избор на посетителите, со цени од 230 до 360 денари.
Цената на влезниците е 150 денари, а собраните средства се донираат во хуманитарни цели.
Проектот е поддржан од Општина Велес.
Вики Клинчарова