„Џ.Р. е стар човек кој живее со својата сопруга со која цел живот работеле, но бидејќи не биле пријавени, сега немаат пензии. Имаат само социјална помош која не им стигнува се да покријат“
„А.С. е мајка на новороденче и не е во работен однос. Нејзиниот сопруг останал без работа како последица од пандемијата, па немаат средства за да ги исплатат сметките за струја“
„Три деца на 15, 19 и 22 години се останати без родители и живеат со нивниот дедо кој е многу стар. Се грижат сами за себе и за нивниот дедо. Поради немање доволно средства не можат да ги платат сметките“
„К.Н е тешко болен, а неговата сопруга ја губи работата поради актуелната пандемија. Имаат две мали дечиња што доплнително им ја отежнува финансиската состојбата и поради тоа заостанал долгот за струја“
„Родители на две дечиња поради актуелната пандемија се останати без работа, па не можат да ги платат сметките за струја“
Ова се дел од тешките судбини на десетици семејства кои се дел од акцијата Ways2help #ПлатиСметка. Тие се избрани според нивните месечни примања, работоспособност на членовите во семејството како и нивната здравствена состојба.
-Со цел да се осигураме дека оваа акција ќе биде од помош на оние на кои им е навистина најпотребна, започнавме соработка со организација која секојдневно нѐ известува и гарантира за веродостојноста на сите семејства на кои досега активно помогнавме со плати сметка, но и со донација на храна, лаптопи, облека и училишен прибор. Задоволни сме од досегашната соработка со нашите соработници – Вистински Дела на љубезност, но спремни сме за соработка и со сите останати организации на кои им е потребна помош и поддршка во реализација на нивните иницијативи, велат од акцијата Ways2help #ПлатиСметка.
Досега се платени 104 сметки на 38 семејства. -Плаќањето оди директно кон системот за онлајн плаќање на струја. Way2help го извршува поврзувањето односно ги генерира веќе потврдените информации кои се потребни да се внесат за една сметка да може да биде платена како кориснички број, број на фактура и износот на сметката, објаснуваат од таму.
Позади оваа платформа стои млад тим кој во услови на самоизолација одлучиле да бидат дел од десеттото издание на „Стартап Викенд 2020“. -Истиот имаше за цел да ги предизвика натпреварувачите да креираат технички и дигитални решенија кои би помогнале во време на COVID-19. Имајќи ја во предвид моменталната ситуација на нашата држава и тргнувајќи од нас самите, не остнавме рамнодушни на идејата да најдеме решение кое, ќе ни помогне да се обединиме, да бидеме еден клик поблиску до донација, помош, заштита. Така ја создадовме ways2help платформа која ги обединува сите начинии на кој можете да им помогнете на оние кои им е најпотребна помош. Нашиот амициозен тим успешно воспостави контакт со сите организации кои во моментов се на терен и нудат поддршка. Дел од нив се: Вистински дела на љубезност, Хера, LGBT Тетово, Волонтерски Центар Скопје, Лице в лице, велат од тимот.