Панделески, Митревски и Тасковски седнаа на обвинителна клупа за „Империја“ – Кираца оштетена, Камчев ќе сведочи

by fokus

Бизнисменот Цветан Панделски, еден од доминантните акционери на ЗИК „Пелагонија“, сопственик на компанија Зоранчо Митревски и берзанскиот брокер Јованче Тасковски денеска седнаа на обвинителна клупа за случајот „Империја“ во која првично беа осомничени 19 лица.

Иако дојдоа сите од обвинентите, денешното рочиште се одложи по барање на одбраната на Панделески со образложение дека дел од доказите не им биле доставени од Обвинителството.

Јавната обвинителка која го води овој случај, а кој го отвори уште поранешното Специјално јавно обвинителство, Лиле Стефанова кажа дека во текот на целата истрага им ги доставувала доказите на обвинетите и во писмена и во електронска форма, а имале можност и за увид.

Со оглед на тоа дека во текот на истражната постапка се менувале бранителите на Панделески, Стефанова рече дека можно е претходните бранители да не им ги доставиле, иако една од адвокатите на Панделски рече дека дел од доказите ги немало кај ниту еден бранител.

Судијката која го води случајот, Васка Николовска – Масевска порача дека е недозволливо кога ќе почне главната рсправа да се зборува уште за докази, но поради еднаквост на оружјата на странките и Европската конвенција за човекови права, таа го одложи судењето за на 20 март и закажа уште десетина други термини за да не се одолговлекува постапката.

На обвинетите им порача дека доколку не ги почитуваат закажаните термини мерките за претпазливост што им се одредени, ќе им бидат заменети со построги мерки.

Обвинителката Стефанова најави дека прво ќе ги изведува материјалните докази, вештачењеата, ќе сведочат вештаци, а потоа ќе бидат повикани и сведоците на обвинителството. Неофицијално, меѓу сведоците и поранешниот обвинет во овој случај кој призна вина и се спогоди со обвинителството, Орце Камчев и уште еден обвинет во овој предмет кој исто призна вина Ненад Јосифовиќ.

Камчев доби една година затвор која ја издржува во затворот во Струга, каде е и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков кој исто така призна вина и се спогоди.

Во судница дојде и оштетениата Кираца Трајковска која беше акционерка во „Фершпед“ која Мијалков и Камчев ја измамиле и ја натерале да ги продаде акциите, од кои за неколку дена заработиле околу три милиони евра.

Освен Кираца, оштетена е и „Бетон Штип“, за којашто првично се тврдеше дека Камчев ја купува за да испумпува пари од неа. Оштетени се дел од акционерите.

Истрагата беше отворена на 9 ноември 2018 година. Осомничени освен Камчев и Мијалков беа уште 11 лица, односно Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска- Камчева, Христина Камчева- Стојческа и Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Првичната истрага покажа дека осомничените испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф шор компании. Тие го оштетиле буџетот за речиси 6.3 милиони евра.

Фросина Факова – Серафиновиќ

Поврзани новости