Панчо од ДНК со поддршка до ракометарите: Лош ден во спортот е во ред, но не се во ред толку спортски ,,стручњаци’’!

by Fokus

Негативни коментари, критики, навреди, длабински анализи и совети околу тоа како се игра ракомет, од синоќа, по поразот на нашата ракометна репрезентација на Европското првенство од страна на Шпанија, ги преплавија социјалните мрежи.

Добар дел од јавноста буквално се нафрли врз нашите ракометари, обвинувајќи ги за лоша игра и поразот со 11 гола, со кој се намалија шансите за влез во полуфиналето. Не беа поштедени и професионалците како Лазаров, Манасков, Ристовски, Стилов. Ако буквално до вчера беа опишувани како народни херои на социјалните мрежи, уште по првото полувреме со Шпанија станаа мета на напади поради слабата игра.

Во знак на поддршка на ракометарите кои играат под нашето знаме помеѓу првите се јави Владимир Блажевски, односно Панчо од популарното дуо ДНК. Тој им порача на спортските ,,стручњаци’’ кои не допреле топка во рака дека и покрај се, ракометарите остануваат негови херои.

-Плукајте ме и мене, зошто и јас сум Столе Стоилов, Дејан Манасков, Кире Лазаров, Борко Ристовски и сите останати ракометари, кои се веќе победници во моите очи. Тоа се тие кои што не направија горди, тоа се тие кои најчесто не сплотуваат и не прават да сме среќни македонци! Во спортот нормално е да имаш лош ден, ама не е нормално да има толку спортски ,,стручњаци’’ со селективна меморија, што за жал никогаш не допреле топка во рака. Браво момци, главата горе, а во вторник одиме на подобро. За кого – за Македонија – порача музичарот.

На Македонија и престојат натпреварите со Чешка и Данска. Вчера на трибините во Хрватска ги бодреше и премиерот Зоран Заев, облечен во дрес.

Вики Клинчарова

Поврзани новости