Панчевски нема веднаш да влезе зад решетки, чека упатен акт

by fokus

Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, наскоро ќе треба да влезе зад решетки и да ја издржи казната од 2,5 години, поради донесена правосилан пресуда за случајот „Акмис“. Но, иако има правосилна пресуда, засега не е познато кога Панчевски ќе се јави на издржување на казната, бидејќи најпрвин ќе треба да му биде доставен упатен акт.

Според процедурата, Апелација најпрвин ќе треба прсеудата да ја испрати до велешкиот суд, каде што му се судеше на Панчевски, а потоа од Велес пресудата да биде испратена во Скопје, од каде што на Панчевски ќе треба да му биде доставен упатен акт за во затвор.

-Денот на јавувањето во установата се одредува така што на осуденото лице да му останат најмалку осум, а најмногу 13 дена од денот на приемот на упатниот акт, се предвидува во Законот за извршување на санкциите.

Додека го чекаше упатниот акт, екс премиерот Никола Груевски, иако беше правосилно осуден, сепак успеа да избега од државата.

Доколку, во меѓувреме, Панчевски не сменил адреса, тој најверојатно казната ќе ја издржува во истражниот затвор „Скопје“, бидејќи, освен притворското одделение, во овој затвор се издржуваат и казни затвор до три години.

Адвокатот на Панчевски, Петро Јанура, истакна дека е без коментар на прашањето на „Фокус“ дали неговиот клиент ќе побара одложување на издржувањето на казната затвор. Ова право му следува според Законот за извршување на санкции, во кој е предвидено одложување поради неколку причини, меѓу кои на пример, поради болничко лекување, се случила смрт или тешка болест во семејството, обврзан е да изврши неодложни работи…

Панчевски првично беше осуден на казна затвор од 3,5 години, но Апелација му ја намали за една година. Беше огласен за виновен за Злоупотреба на службената положба, поточно дека рачно местел предмети кај одредени судии, како претседател на судот, во периодот од 2013 до 2016 година.

Валентина Вурмо

Поврзани новости