Панчевски до судијата Рибарев: Биди маж и излези од дупчето во кое си се сокрил!

by fokus

Судијата Владимир Панчевски, поранешен претседател на Кривичниот суд, преку социјалната мрежа фејсбук ги обвини новинарите кои го поврзувале со аферата „АКМИС“, односно за делење на судски предмети на рака, дека се платеници, кои се љубоморни и гневни. Исто така го повика и неговиот колега, судијата, Стојанче Рибарев, јавно да проговори за злоупотребите на АКМИС-от, доколку навистина имало такво нешто.

Неговата реакција доаѓа по информацијата на Телевизија 24, а според која во извештајот за Акмис-от не се посочувале виновници, односно со име и презиме не биле наведени претседателите на судовите кои наводно местеле предмети, туку дека обвинувањето се заснова на изјава на доскорашниот вд претседател на Кривичниот суд Стојанче Рибарев.

Во продолжение е реакцијата на судијата Панчевски:

„Почитувани „чесни“ новинари, во текот на вчерашниот ден се обелодени една тешка мистерија и заговор со кој одредени инволвирани личности за кои планирам и јавно да зборувам, во целата приказна подгреваа и манипулираа со изјави и извештаи за злоупотреби на Акмис системот во судството.

Вчера падна маскарадата на конспираторите и извршителите оние кои направија и создадоа состојба на мрак за правото во Република Македонија. За ова зборував во повеќе интервјуа изминатиот период, резултатот го гледаме преку клиентелистичкиот однос на инволвираните за тоа јавно зборуваат сите!

Повелете прочитајте што било тајно и класифицирано во Акмис системот и што било злоупотребено и кого посочува како виновник. Прашањето за тајноста на заменичето и министерчето е купување време за фијаското кое го доживеаа реформите на правосудството, се на се „тресла се гора, родио се миш!“ Но во македонски услови кажано овде ни глушецот го нема или можеби им се сонил?

http://24vesti.com.mk/izveshtajot-za-akmis-ot-deklasificira…

После сето ова иако јас мојата голгота невин – жртва на политички игри и интервенционизам за да се стави јаремот врз правото и правдата и врз судската власт, поддржани од повеќе странски амбасади и тоа барем две кои не се ниту одважија да ми одговорат на дописите со кои ги известив за бруталниот однос на СЈО кон судија и поранешен претседател на суд, иако истите тие амбасади пишуваа по нарачки невистинити извештаи со моето име во нив.

Издржав две тешки години и само јас знам што преживеав и поминав, со сите последици по мене, мои блиски, знам дека повеќе никогаш ништо нема да биде исто ниту јас не сум повеќе истиот. Финишов и исходов од две ипол годишната хајка и медиумски нарачки против мене ги посрамува сите оние новинарски пера кои пишуваа ексклузивитети против мене со ударни вести за криминал и злоупотреби, оние кои со душа чекаа секојдневно да објават нешто со кое ќе ме оцрнат и човечки и професионално за да се додворат некаде некому заради лични цели, ваквиот исход воедно ги посрамува конспираторите и нарачателите.

Сите вие учесници во мојот јавен линч сте за суд по принципот на нирнбершките процеси бидејќи вашите мозоци се индоктринирани со неизлечива болест која штети на едно демократско општество полни сте со гнев, лицемерие, љубомора и омрза заради лични сопствени фрустрации ја осудивте мојата професионална кариера и личен углед, ви посакувам на сите на идентичен начин да ја преживеете еден ден низ ист таков процес мојата голгота но за жал има една голема разлика помеѓу мене и вас, јас на правда сум малтретиран и прогонуван, а вашите раце и усти се извалкани со парите на тие што ве плаќаа! Ова е организираниот криминал во нашето општество, додека ова не се среди и не му се стави крај Македонија никогаш нема да биде демократска држава.

Ги повикувам медиумите да си го најдат Судијата Стојанче Рибарев и тој лично да објасни како граѓански судија кој очигледно “разбира” кривично право – па се нафати да биде ВД преседател на кривичен и истиот на јавноста да и појасни, како тоа имало паралелен АКМИС? Како го утврдил тоа? Бидејќи комисијата и Министерството за правда него го цитираат како основа за сите злоупотреби!

Нека излезе Стојанче Рибарев од дупчето што се скрил нека биде маж и нека даде јавно изјава за злоупотребите, би сакал да го слушнам сепак е судија кој далеку стигнал дури до Врховниот суд на РМ, ако е чесен ќе излезе и ќе каже!, напиша судијата Панчевски на фејсбук, а статусот го пренесуваме со негова дозвола.

Фотографија: Академик

Поврзани новости