Неколку десетици демонстранти одржаа протест пред американската амбасада во Панама поради изјавата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека Америка треба повторно да го заземе Панамскиот канал доколку латиноамериканската земја не ја намали сумата што му ја наплатува на Вашингтон за минување на бродови.
Насобраните пред американската амбасада во Панама Сити носеа транспаренти на кои пишуваше „Доналд Трамп, јавен непријател на Панама“ и апелираа до новоизбраниот американски претседател да не се обидува да го врати каналот во сопственост на САД, пренесува Дојче веле.
Трамп во саботата рече дека САД треба „да го вратат каналот“ освен ако Панама не ги намали тарифите што ги наплаќа и предупреди на наводното кинеско влијание врз каналот.
Панамскиот канал главно го градеа САД, кои управуваа со него до 1999 година, кога целосната контрола над морскиот премин беше предадена на државата Панама.
Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино изјави во понеделникот дека „секој квадратен метар“ од каналот и припаѓа на Панама и дека неговиот статус „не може да се преговара“.
Боливарската алијанса за народите на нашата Америка (АЛБА), која се состои од десет земји од централна и јужна Америка, но не и од Панама, ги осуди коментарите на Трамп и ја потврди поддршката за „суверенитетот, територијалниот интегритет и самоопределување“ на Панама.
Во исто време, Гренланд објави дека „не е на продажба“ по сугестијата на Трамп дека Вашингтон може да ја преземе „сопственоста и контролата“ на данскиот остров.