Панаѓурот ја открива срамната реалност за Неготино пред илјадници гости: Рестрикциите на вода не признаваат празник!

by Fokus
Неготинскиот панаѓур, традиционална манифестација која се одржува во Неготино стотици години наназад во чест на верскиот празник Мала Богородица, и која привлекува илјадници посетители од земјава, на гостите им ја покажа реалноста во која живеат неготинчани веќе две децении.

И покрај тоа што панаѓурот е најважната стопанска манифестација, на која централниот дел од градот е претворен во саем, каде трговци од цела земја ги нудат своите производи, вода во градот нема. Рестрикциите започнаа од околу 13 часот, и најверојатно ќе траат до околу 16 часот, како што впрочем се случува секој ден. Потоа, започнува ноќната рестрикција, кога чешмите згаснуваат од околу 22 часот, а водата повторно протекува наутро, од околу шест часот.

Годинава, ниту панаѓурот и многубројните гости не ги запреа рестрикциите, па неготинчани, веќе помирени со состојбата, само креваат раце.

,,Куќата ни е полна со гости од други градови, дури ни е срам да им кажеме дека ние вака без вода живееме со децении. Кујната полна со садови, во тоалетот шишиња со вода, за да им потураме да се измијат раце, брука во дваесет и првиот век. Во изминатите години, барем за време на панаѓурот и за време на матурските прослави, немаше рестрикции. Ова е срамота за целиот град’’ – реагираат неготинчани.

Проблемот со водата секогаш испливува на површина во време пред избори, кога политичарите ветуваат негово решавање. Но, досега, и покрај сите ветувања, најави за превземени мерки, отчети за потрошени средства за реконструкција на водоводната мрежа, менување на водомери, изградба на нови базени, вода сеуште нема.

,,Се ближат изборите, време кога ние граѓаните треба да се изјасниме. Еве, јас предлагам, кандидатите за градоначалници да дадат гаранција и последен рок до кога ќе се реши проблемот со водата, ако новиот градоначалник го пробие и тој рок, самиот достоинствено да излезе пред граѓаните, да си признае дека не го решил проблемот и да си даде оставка. Доста не замајуваат со приказни од типот – почекајте година, две, три’’ – вели неготинчанец, кој го затекнавме во маркет, со пакети вода за пиење.

Манифестацијата во Неготино започна синоќа, со Манастирската вечер, кога граѓани од целиот регион масовно го посетуваат манастирот ,,Свети Ѓорѓи’’, каде се служеше грав. Од денес, па се до 23-ти септевмри во ек е стопанскиот дел на манифестацијата, и улиците и кафеаните се преполни со посетители.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости