Кавадарци доби десет нови предупредувачи светлечки сообраќајни знаци, кои имаат безбедносна и образовна улога. Имено, според информација од општината, знаците биле програмирани да известуваат за брзината со која се движат возилата низ градот. За возачите кои ги почитувале правилата ќе се појавува смајли иконичка со насмевка, а за оние што ја пречекорувале дозволената максимална брзина од 40 километри на час, смајлито ќе биде намрштено и гневно, во зависност од тоа колку е пречекорена дозволената брзина.
Станува збор за најсовремена ЛЕД технологија заснована на софтверско решение изработено од информатичарите во фирмата донатор „Вирлос компани“, која комплетно ги изработила и куќиштата на знаците со електриката и електрониката во нив.
Тие се донација од ,,Ротари клуб” – Кавадарци, „Кожувчанка“ и „Вирлиос компани“.
Општина Кавадарци секојдневно се залага за поголема безбедност во сообраќајот. Неодамна на пешачките премини се поставија соларни светлечки маркери со кои премините се осветлени и ноќе, со ЛЕД трепкачи. Исто така, со цел да се зголеми безбедноста на пешаците, Кавадарци го доби првиот 3Д пешачки премин, пред училиштето ,,Страшо Пинџур’’.
3Д преминот од далечина кај возачите создава виртуелна слика на подигната бела линија, по што тие ја намалуваат брзината. Од општината тогаш изјавија дека доколку пешачкиот премин се покаже како корисен, во иднина ќе го има и на други локации во градот.