Љупчо Палевски Палчо, еден од обвинетите за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, тврдеше дека заминал во Турција заради лекување, а не дека бегал поради двојното убиство.
Но, на денешното судско рочиште, сведочеа негови сопартијци, кои посочија дека Палевски решил да оди во странство, на 30 ноември, иако викендот, на 2ри или 3ти декември неговата партија ,,Десна” требало да оддржи централен комитет.
-Палевски една недела пред да замине за Турција ни рече дека мора да оди за да ја среди кичмата. Реагираше генералниот секретар, бидејќи викендот на 2 или 3- ти требаше да имаме централен комитет на партијата и како ќе биде без него. Тој рече дека ќе мора да се снајде без него, сведочеше Христијан Плотников, еден од основачите на партијата ,,Десна”.
Ова во своето сведочење го предочи и адвокатот Васко Стојков кој го возел Палевски до Белград.
Тој посочи дека централниот комитет на партијата бил закажан за три дена, па му било чудно зошто Палевски оди баш тогаш, но тој му рекол дека ако може ќе се врати, а ако не ќе го оддржат без него.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, пак беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември, а беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Сведокот Плотников појасни дека со Палевски се знае од 2017 година, од моментот, како што рече, го фарбал новинарот Бранко Геровски.
-Тогаш му дадов поддршка, имавме исти идеји, размислувања. Секојдневно се слушавме поради активностите кои ги имавме во партијата. Бев вклучен во реализација на поткастите кои ги имаше, рече сведокот.
Тој појасни дека обвинетиот Влатко Кешишев постојано бил во штабот, бил како домаќин, а Боре Видевски, поретко. Посочи и дека Палески покрај него имал пиштол и го носел откако бил физички нападнат.
Валентина Вурмо