Палевски од Турција планирал да отпатува во Москва и во Минск

by Fokus

На денешното продолжение на судскиот процес за убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, Обвинителството изведе листа на докази од предмети поврзани со убиствата и обвинетите за нив.

Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска наведе како доказ телефонска комуникација на првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо.

Според она што беше усно презентирано во периодот од 27 ноември, денот кога била убиена Вања, до 1 декември 2023 година, Палевски остварил разговори само со обвинетиот Влатко Кешишов и со Стефан Димовски, кој го возел од Белград до Турција.

Најмногу од контактите на Палевски, кои биле екстрахирани од неговиот телефон „ајфон 13“ по неговата екстрадиција од Турција, биле остварени преку апликацијата „Телеграм“, а преку „Ватсап“ контактирал со три лица.

Презентирајќи ги доказите, обвинителката наведе и дека денот кога била убиена Вања, во 8:30 часот е регистриран повик во траење од девет секунди кон број во Турција.

Обвинителката рече дека според тоа што го имаат како информација, Палевски на 2 декември, кога веќе бил во Турција, наводно за лекување, добил порака од неговиот домаќин таму, извесен Хусен, кој го информирал дека му резервирал авионски лет за Минск, Белорусија.

„Букирав авионска карта за Минск“, гласела пораката, кажа обвинителката.

Исто така, како што наведе таа, Палевски преку порака од Турција му пишал на лице кое било во Москва дека на 5 декември планира да стигне во руската престолнина и барал од него да му помогне, односно да му организира превоз од аеродром.

„Пронајдена е комуникација со лице со име Драган, кој според комуникацијата е во Москва, кому Палевски во порака му пишува дека на 5.12.2023 г. планира да стигне во Москва и бара од него да го земе од аеродром”, наведе обвинителката Крстевска-Јосифовска.

Од телефонската комуникација од телефонот на Палевски по неговата екстрадиција во земјава лани во мај се дознава дека, на 27 ноември, во 10:44 имало комуникација со извесно лице именувано како Геге Шампион 2, кој го прашал Палевски дали да поминат со лице Ферат на кафе. На ова Палевски, според обвинителството, одговорил дека е уморен оти цела ноќ не спиел.

На денешното рочиште Обвинителството предложи дополнителна листа на докази.

Поврзани новости