Првоосомничениот за убиството на малолетното девојче Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, вечерва со авионски лет е екстрадиран во Македонија од Турција и безбедносните служби го транспортираат во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
Во притвор во „Шутка“ веќе се наоѓаат тројца осомничени соизвршители за грабнувањата и свирепите убиства на двете жртви.
Палевски ќе биде издвоен од останатите притвореници во посебна ќелија. За него ќе бидат задолжени само одреден дел од затворските чувари што значи дека останатите припадници на затворската полиција ќе немаат пристап до него. Во тој дел од затворот може да се влегува само со електронска картичка.
Исто така, за осомничениот ќе се определи посебно време кога ќе може сам да излегува во затворскиот двор, ќе посетува посебна бања со придружба на чувари, ќе се проверува храната што ќе ја добива итн.
Кривичните дела за кој е осомничен се „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“. Предметот е се уште во фаза на истрага, но се очекува наскоро таа да заврши и да биде поднесено обвинение.
Двете жртви, 14-годишната Вања и велешкиот фризер Панче, беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември лани. Нивните беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
Во овој случај како петоосомничен се јавува и таткото на Вања. Тој се гони за помагање во делото грабнување. Тој во моментов се наоѓа во домашен притвор.