Љупчо Палевски-Палчо, кој е осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, речиси еден месец е зад решетки во истражниот затвор ,,Скопје”, откако беше екстрадиран од Турција.
Тој, според информациите на ,,Фокус” имал неколку посети во затворот, односно го посетила сопругата, како и неговиот адвокат.
На Палевски првично му беше доделен адвокат по службена должност, бидејќи ниту еден од тројцата кој тој ги побара не прифатија да го застапуваат. Сепак за време на распитот во скопското обвинителство со него беше адвокатот Марјан Витановски, кој најверојатно е ангажиран од Палчо.
Тој во обвинителството ги негирал кривичните дела кои му се ставаат на товар.
-Обвинениот даде исказ пред Обвинителството, во целост негира конкретна поврзаност со кривичното дело, негира поврзаност со обвинетите по кој било основ, негира постоење на каков било договор за сторување на ова кривично дело, тврди дека не е виновен и дека не презел ниту едно дејствие како што е наведено во наредбата за негово спроведување на истрага. Даде одбрана посочувајќи факти и определени докази кои дополнително ќе ги доставиме. Не знаеме со какви докази располага обвинителството, бидејќи до оваа фаза на постапка немавме ниту можност да извршиме увид. Засега остануваме на тоа и на неговото тврдење дека воопшто не е сторител на кривичното дело. Причините поради кои е посочен како обвинет во оваа постапка посочи дека се работи за некои претходни непријателства, па дури и некакви политички недоразбирања со определени претставници од власта, изјави Витановски.
Како што дознаваме, Палевски засега не се пожалил на некој здравствен проблем кај затворската управа.
Тој од Турција беше екстрадиран на 15 мај, а во меѓувреме се вештачи неговиот мобилен телефон, како и останатите докази кои ги имал со себе во Турција.
Покрај Палевски, за случајот веќе обвинети се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се товарат за по две кривични дела – убиство и грабнување. Меѓу обвинетите е и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски.
Валентина Вурмо