Палењето автомобил на дописничката на СДК од Охрид нема да не заплаши, велат од Женската медиумска мрежа

by Fokus

Палењето автомобил нема да нѐ заплаши, велат од Женската медиумска мрежа „Еднаква“ при Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Реакцијата следи откако синоќа засега непознат сторител го запалил возилото на дописничката на САКАМДАКАЖАМ.МК од Охрид Сузана Вренцовска, во гаражата на нејзината семејна куќа.

„Женската медиумска мрежа „Еднаква“ при ССНМ најостро го осудува палењето на возилото на дописничката на САКАМДАКАЖАМ.МК, Сузана Вренцовска од Охрид и ги повикува надлежните институции да ги откријат мотивите за инцидентот и дали опожарувањето е поврзано со некој текст на Вренцовска објавен на медиумот за кој таа е професионално ангажирана.

Ги повикуваме надлежните институции најбрзо што може да го пронајдат сторителот и истиот соодветно да биде санкциониран бидејќи тоа е клучно за слободата на изразување во медиумите и безбедноста на новинарките. Секој обид за заплашување на новинарките да ја не вршат својата работа е притисок врз работата на сите медиуми во државата“, се вели во реакцијата на Женската медиумска мрежа при ССНМ.

Во изминатиот период еснафските здруженија бележат зголемен број на закани, заплашувања, дискриминација по различни основи насочени кон новинарки.

„Токму ваквата тенденција ги поткрепува нашите барања и очекувања од институциите да ги процесираат ваквите случаи, а на новинарите/ки ги охрабруваме да ги пријавуваат случаите. Само здружени сме посилни, а искоренувањето на праксата да се замолчат и заплашат медиумските професионалци е директно подривање на слободата на изразување, појава за која нема место во нашето општество“, додаваат од „Еднаква“.

Поврзани новости