Велешанката Пале Илоска која завчера беше ослободена од вина за убиството на својот партнер, полицаецот Александар Ристовски наводно го немала пријавено семејното насилство што го трпела.
Велешкото обвинитело во текот на постапката што се водела против нејзе, добило писмено известување од Центарот за социјални работи Велес дека такви пријави не се примени.
-Надлежното обвинителство беше исто така усно известено од СВР Велес дека не се примени пријави од Илоска за семејно насилство извршено врз неа, велат од Обвинителството за Фокус.
Убениот полицаец два пати бил осуден на условна затворска казна, кога пред 14 години, возејќи со голема брзина, повредил шестмина пешаци на тротоар, а во 2016 година, во семејна расправија, ја фатил за врат сестрата близначка на Пале, заканувајќи и се дека ќе и го скрши вратот, ако не и ја препише на Пале својата половина од нивната куќа.
Во меѓувреме обвинителството ги проверува тврдењата на Пале кои ги кажа во судот дека полицаец, колега на Ристовски и се заканувал по живот и дека таа се плаши од одмазда, а нејзиниот адвокат кажа дека заканите биле усно пријавени во полиција.
Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поздрави одлуката на Основниот суд Велес да ја ослободи Илоска од обвинението за убиство во миг.
Тие бараат одговорност од полициските службеници од СВР Велес, кои според нив, со своето непостапување по пријави за семејно насилство, грубо ги прекршиле своите законски овластувања и овозможиле ескалација на насилството.
-Во вчерашното сведочење, Илоска изјави дека до неа стигнале информации дека колега на починатиот полицаец сакал да ја одмазди неговата смрт. Апелираме до јавното обвинителство веднаш да покрене постапка по допрен глас и да превенира понатамошно насилство врз една долгогодишната жртва, која не добила заштита од институциите, апелираа од Хелсиншкиот комитет.
Судот констатираше дека Пале го убила својот сопруг во самоодбрана откако тој пијан во сепетември минатата година ја тепал со боксови, клоци и ја давел. Сепак Обвинителството ја гонеше за убиство во миг, а сега официјално ја чека пресудата од велешкиот суд за да одлучи дали ќе поднесе жалба.
-Основното јавно обвинителство Велес очекува да го добие писменото образложение на пресудата, по што ќе донесе одлука за натамошното постапување, велат од Обвинителството за Фокус.
Ф.Ф.С.