Обвинетиот Велибор Манев, при своето денешно сведочење за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, ги раскажа сите детали за грабнувањето и убиството на жртвите.
По паузата, откако претходно раскажа како ја грабнале Вања, раскажа и како била убиена. Беше дециден дека Љупчо Палевски ја убил.
-Откако ја ставивме во гепек, ги следев насоките за движење на Палевски. Тој возеше пред мене, јас по него. Стасавме пред местото Оризови дупки. Го отворивме гепекот. Палевски ја праша како се вика, кој и е мајка и татко. Откако тоа го дозна, ни рече да ја извадиме надвор од колата. За да ја слика и да може да прати слики на фамилијата. Откако ја извадивме од колата, ја откопчав вреќата, го извадивме селојтепот, видов дека не е жена, туку дете. До него бевме со Влатко, му рековме дека е грешка и да ја пуштиме. Под маски сме, не не видела и да ја ослободиме. Палевски рече да прекинам, дека ништо не разбирам, дека се било чисто, нема што да се бере гајле, дека првичната сума што ни ја понудил за грабнувањето, нема да може да ја земеме, дека ќе биде помала. Ние заќутивме. Се свртев да гледам према лозјето, не беше кроено оддамна. Да видам во која од собите, што ги имаше од бетон, да се внесе таму. Додека гледав, Палевски приде до Вања со пиштол и со перниче во раката и испука куршум. Повторно бев надвор од себе. Палчо се врати до пикапот, и извади нова лопата и ашов, ги фрли према нас и нареди да ископаме дупка за да се закопа детето. Копавме во смрзнатата земја. Ја фати од едната страна, од кај главата, а јас и Влатко од другата страна и ја сшуштивме во дупката. Палесвки ја извлече вреќата и ја фрли во возилото на Панче Жежов. Нареди да закопуваме, со солзи во очите, без да ме видат, почнав да закопувам и јас. Кога го завршивме тоа, ми нареди да тргнам по него со колата. Јас го возев возилото на Панче, а тој возеше напред со ,,реното кангу”, раскажуваше Манев.
Потоа појасни дека Палевски го запалил возилото на Панче Жежовски.
-Со пикапот се вративме во канцелариите на партијата. На снимките каде што се гледа црна трака на градите, тоа сум јас, на совозачкото место. Љупчо Палевски го возеше пикапот. Кон 10 часот стасавме во канцеларија. После тоа се префрливме во мојата кола и продолживме за Велес. Влатко и Палевски останаа во канцеларијата, рече Манев.
Судењето е во тек.
Валентина Вурмо