Љупчо Палевски – Палчо, осомничен за убиствата на младата Вања Ѓорчевска и велешанецот, Панче Жежовски денеска на распит во Обвинителството негирал било каква повранос со убиствата и тврдел дека бил посочен како обвинет поради некои претходни непријателства, па дури и некакви политички недоразбирања со определени претставници на власта. Ова е дел од изјавата што ја даде попладнево неговиот адвокат Марјан Витановски по повеќечасвниот распит на Палевски.
-Обвинениот даде исказ пред Обвинителството, во целост негира конкретна поврзаност со кривичното дело, негира поврзаност со обвинетите по кој било основ, негира постоење на каков било договор за сторување на ова кривично дело, тврди дека не е виновен и дека не презел ниту едно дејствие како што е наведено во наредбата за негово спроведување на истрага. Даде одбрана посочувајќи факти и определени докази кои дополнително ќе ги доставиме. Не знаеме со какви докази располага обвинителството, бидејќи до оваа фаза на постапка немавме ниту можност да извршиме увид. Засега остануваме на тоа и на неговото тврдење дека воопшто не е сторител на кривичното дело. Причините поради кои е посочен како обвинет во оваа постапка посочи дека се работи за некои претходни непријателства, па дури и некакви политички недоразбирања со определени претставници од власта, изјави Витановски.
Тој тврди дека имале докази за да го потврдат она што го кажал Палевски пред Обвинителството.
–За сите наводи, со какви докази располага Обвинителството, сметам дека сигурно има признание на останатите обвинети бидејќи за нив веќе има покренато обвинение. Меѓутоа, засега се работи за вербални докази, дали дека некој од останатите обвинети или само поединци го посочуваат него како сторител на кривичното дело односно дека ги има убиено малолетната Вања и пензионерот Панче, дополни Витановски.
Палевски минатата година на 6 декември беше уапсен во Баликесир, Турција, а во отсуство му беше одреден 30-дневен притвор. Тој на 15 мај беше екстрадиран од Турција и спроведен во Истражниот затвор Шутка, а на 21 мај беше изведен пред судија на претходна постапка. Тој е првоосомничен за грозоморното грабнување и убиство на девојчето и велешанецот.