Љупчо Палевски – Палчо, обвинетиот за грабнувањето и убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски не беше донесен од затвор на денешното закажано судско рочиште за свирепите убиства.
Судот не можел да го обезбеди Палчо затоа што пред два дена го одобри обвинението кое против него го поднесе обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска, откако беше екстрадиран од Турција каде избега по убиствата.
Обвинението беше целосно одобрено, но на барање на Обвинителството денеска судот донесе одлука да ги спои двете обвиненија во една постапка, обвинението против Палчо и обвинението што претходно беше поднесено против Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на убиеното девојче, Александар Ѓорчевски.
Судијата кој го води предметот, Ивица Стефановски кажа дека предлогот на Обвинителството е основан бидејќи станува збор за ист кривично-правен предмет, во кој се инволвирани исти лица, па заради економичност на водењето на постапката двата предмета треба да се спојат во еден. На оваа одлука, појасни судијата, не е дозволена посебна жалба.
Следното рочиште е закажано за на 20 септември во 10 часот. Во судницата каде денеска беа донесени останатите четворица обвинети, Видоевски, Манев, Кешишов и Ѓорчевски имаше засилено полициско обезбедување. Во судницата не беше присутна мајката на девојчето, но имаше нејзини правни застапници.
На 20 септември нема веќе правна причина Палчо да не биде спроведен од затвор и да почне судењето за убиствата што се случија на крајот на ноември минатата година.
Првично, почетокот на судењето беше закажано на 30 јули само за четворицата обвинети, но беше одложено бидејќи уште тогаш Обвинителството најави дека ќе бара спојување на двата предмети откако Палчо беше екстрадиран од Турција и истрагата против него беше во тек, а обвинението против него беше поднесено на 12 август кога и обвинителството побара од судот спојување на двата предмети.
Според она што го објави Обвинителството кога соопшти дека е покренато обвинение и против Палчо, кој се товари за убиство и грабнување, на 22 ноември минатата година Палчо заедно со Видоевски, Манев и Кешишов, заедно го грабнале Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите отишле до неговата куќа, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото „Рудник“ во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.
На 27 ноември, обвинетите, помогнати од таткото на девојчето, ја грабнале Вања во влезот од зграда на улицата „Наум Наумовски Борче“ во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото викано „Дупки“, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин, со умисла го убиле девојчето.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Ф.Ф.С.