Палчо ангажираше и втор адвокат

by fokus

Љупчо Палевски- Палчо, еден од обвинетите за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски Вања и Панче, доби засилување во неговата одбрана. На денешното рочиште во Кривичниот суд тој се појави со уште уште еден бранител, поточно адвокатот Јовица Страшевски.

Палевски, уште додека беше во притвор, како свои бранител ги побара Тони Менкиновски, Славчо Секулов и Јовица Страшевски, но тогаш ниту еден од овие адвокати не го прифати случајот. Потоа доби адвокат по службена должност, но неговиот ангажман траеше кратко, бидејќи кумановскиот адвокат Марјан Витановски, се нафати да го застапува пред судот. Од денеска на помош се приклучува и адвокатот Страшевски.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

В.В.

Поврзани новости