Пакетот за енергетска поддршка за земјите од регионот, меѓу кои и Македонија, што го подготвува Европската Унија ќе биде најавен од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за време на нејзината посета на Скопје во текот на следната недела, соопшти министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во изјава по завршувањето на денешниот состанок на шефови на дипломатии одржан во Берлин во рамките на Берлинскиот процес.
-Имав можност да се видам и со комесарот Вархеји кој што даде исклучително позитивна вест, а тоа е пакетот за енергетска поддршка кој што ќе биде најавен со доаѓањето на претседателката на Европската комисија следната недела во Скопје, а пред се во помошта во делот на надминување на тековните проблеми во однос со снабдувањето со енергија и високите цени за индустријата, а се разбира и за домаќинствата – изјави Османи.
Тој додаде дека одлуката на германската влада да го реактивира повторно Берлинскиот процес е исклучително важна за целиот регион заради значењето што го има овој процес и оваа иницијатива за регионалната соработка.