Нови блокади на екипите на ЕВН во липковското село Слупчане.
Повторно жителите на ова село не им дозволуваат на екипите на ЕВН да влезат блокирајќи го пристапниот пат. Се противат ЕВН да ги извади броилата од домовите и да ги постави надвор пред куќите, за да може да има контрола врз нив и да спречи злоупотреба на мрежата и крадење струја.
Вторпат жителите на ова село не им дозволуваат на екипите на ЕВН да влезат. Пред неколку недели несовесни мештани го искинаа главниот кабел и предизвикаа сериозен дефект кој ги остави без струја и Слупчане, и трите соседни села.
Министерот за економија Крешник Бектеши и градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи тогаш ја гарантираа безбедноста. Се договорија со жителите на Слупчане да не го попречуваат отстранување на дефектот на електричната мрежа.
Жителите на Слупчане преку месната заедница минатата недела доставиле официјално известување до ЕВН во кое ги информираат дека не прифаќаат мерните уреди да се поставуваат надвор од куќите.
Бараат да им се простат старите долгови и наместо редовна сметка, врз основа на податоците од струјомерите, да плаќаат месечен паушал од 3.000 денари, без оглед колку струја потрошиле.
Блокадата е во тек.