Има неколку специфики во владеењето на ДПМНЕ, а дел од нив се поврзани и со летниот период. Поприлично кукавички, ДПМНЕ, наместо чиста политичка борба, воведе полициско-судски проекти како на пример: „Удри на 1 август“. А потоа го воведе: „Гласање во петок навечер“.
Секое лето од владеењето на ДПМНЕ има свој симбол: апсењата на Бучковски и Заев, уривањето на Космос. Или гласањето за амнестијата на хашките случаи. А, доколку пред летото има избори, тоа е засилено со апсењето на Бошкоски, затворањето и пресудата за А1 телевизија и семејството Рамковски.
Притоа, сите требаше да покријат некоја не баш чиста активност на владата, приватизацијата на ТЕЦ „Неготино“, увозот на струја, задолжувањата, политичките пазари меѓу Ахмети и Груевски.
Единственото лето кога не доминираше ДПМНЕ, беше во 2012 година, кога СДСМ го реализираше „Работното лето“, едно од највпечатливите опозициски дејствувања од 2006-та до денес.
Затоа јас и не сум изненаден како и ова лето власта си тера по испробаниот рецепт, само сум загрижен што ујдурма имаат смислено за 1 август. И додека со огромна тага и загриженост, менуваме со далечинското сцени и извештаи од настаните со малезискиот авион и појасот Газа, кај нас пак исто лето во режија на ДПМНЕ. Закони надвор од очите на јавноста, 500 милиони евра задолжување засилено со уште 13 милиони, неколку пресуди и вечерно гласање да се доуништи Водно и да загрози половина град.
Секако, се случија и други грозни работи, како пуштањето на првата галија, но иако е сама по себе навреда за нашиот град и навреда на човечкиот ум, некако паѓа во сенка на другите настани. А сите настани имаат уште еден заеднички именител, сите се уште еден удар за младите. Младите ќе се срамат од карикатуралното Скопје, но повеќе ќе се срамат кога со празни џебови ќе ги погледнат своите идни деца, кои со тажен поглед ќе бараат сладолед плус.
Ќе се срамат зошто кога требало молчеле, кога се гласало биле на викенд, кога надоаѓале се поместиле на страна. Младите ја пропуштаат шансата во недостиг од партиски коментари да го кренат гласот против ова најново и, за жал, не и последно задолжување. И не е битно дали каматата е 3,9 или 5,1 проценти, уште помалку е битно дали е историски најмала каматата, важно е што е задолжување, и тоа историски најголемо. Притоа задолжувањето не е за инвестициски бум во кој многу млади би нашле работа и имале услови да создадат семејство. Парите се за покривање на дупките од изборните активности, за покривање на дупките во буџетот. А бидејќи една несреќа не доаѓа сама, владата ни испорача и серија поскапувања. Ем со помал стандард, ем со плус долгови.
А и новите закони за одење во пензија се уште еден удар за младите. Со цел да се спаси нешто што не може, а тоа е касата на фондот на ПИОМ, владата се реши да го продолжи работниот век и условите за пензионирање.
Поради погрешните политики, владата од буџетот секоја година вбризгува огромни средства, а со оваа мерка сака три години да нема одлевања од буџетот на фондот (за одредена група граѓани), но тоа ќе предизвика да нема нови вработувања за младите. Во компаниите што плаќаат повеќе од просечната плата, без дилема сите ќе си останат на работа, без разлика што можеби некој млад човек може да придонесе повеќе. За тромата и мегаломанска администрација и да не помислам за што ќе се определат. Уште една затворена врата од иднината на генерации млади. За жал, никој не стави нога барем за малку да го забави затворањето.
Младите, покрај многу други работи, го губат или поточно го изгубиле и Водно. Без грам совест го преполовија, исекоа илјадници дрвја, само да бидат повисоко од другите. Сакаат недостижните детски височини да ги реализираат со декрет. И покрај јасно изразената волја на граѓаните на Центар во 2013-та против нови уништувања на Водно. А, доколку некој попречува, тогаш целокупното судство и полиција влегува во игра. Затоа кога некој од околината на фамилијата посакал од 10-от кат да го гледа Скопје и како младите го напуштаат, тоа мора да се реализира. Не е важно мислењето на ИЗИС, не се битни законите и процедурите, слободата е категорија само за нив.
Децата од градинката под „Панорама“ имаа среќа зошто ѕидот проклизи во 4 изутрина, а за во иднина? Што е важна иднината, некој сака да биде на 10-от кат. Ако ова помине вака, не би ме чудело во иднина ако некое дете од 10-от кат дојде дома со плачење зошто папагалот на неговиот соученик зборува, а домашниот не, Гоца со солзи, а зошто да не и со Солза, да испрати некој по туѓиот папагал и да го донесе на 10-от кат.
Затоа како никогаш досега е важно младите да се изборат за ИДНИНАТА СЕГА. Сами да се изборат за нешто што природно им припаѓа. Можеби ќе се искористи исклучително светлиот пример со солидарноста на професорите од цела Македонија со тројцата професори од Штип. Истрајност и верба во исправноста на одлуката. Верувам дека со слична акција, брзо ќе се реновираат студентските домови, лифтот во „Гоце“, содржините во „Кузман“.
Секако тука се и некои други интервентни проекти споменати во мојата колумна Младите OUT, Субрата IN.
Можеби по примерот „окупирај го Вол стрит“ младите треба да почнат акција: „окупирај ја Ројал“, акција која би симболизирала борба против човечката нечовечност, а тоа е фрлање пари за осакатување на градот.
„Ројал“ е очигледен пример за некој што се прејал од буџетски пари и нема никаков допир со реалноста. Па, и панорамското тркало да заврши само во нашите лоши соништа, кои очигледно упорно ги живееме. Соништа од кои, за жал, ќе останат и финансиски и душевни трауми, башка граѓаните не се среќници како пола влада, па душевната болка со телефонски позив во судот да ја лечат со илјадници евра.