Заменик-шефот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев изјави дека прогнозите за системска криза во еврозоната почнуваат да се остваруваат.
Ова го изјави додека зборуваше за курсот меѓу доларот и еврото.
-Првпат по 20 години, курсот на еврото и доларот е еднаков. Прогнозите за почеток на системска криза во еврозоната почнуваат да се остваруваат, напиша Медведев на својот канал на Телеграм, пренесува Спутник.
Медведев изјави дека Европската унија „од почетокот си пукаше во глава со санкционен пиштол“, а сега „ги жнее горчливите плодови од падот на производството, критичната инфлација, губењето на конкурентноста на своите стоки и чекањето зима во ледените станови без руски гас“.
Според него, европската валута, која поевтини во споредба со американската, стана одличен показател за тоа кој ќе плати за кризата во Украина.
-Вашингтон и Лондон ги измамија Европејците. Познато е дека војната е продолжување на политиката со други средства. Кога се впуштаат во економска борба, тие требало да ги земат предвид сопствената валута и економските проблеми, а не само да воведат лоши ограничувања, напиша Медведев.
Тој додаде дека Белата куќа ја знае таа формула многу подобро од „бриселските кучиња на војната“.
-Корисните европски идиоти страдаа многу повеќе на милост и немилост на Американците, но тие воопшто не треба да се сожалуваат, бидејќи токму русофобите од Европската унија ја поттикнаа хибридната војна против Русија и отворија широк економски фронт против нас, нагласи Медведев.