Имено, во мај минатата година, по повеќемесечната истражна постапка и меѓународната правна соработка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со Јавното обвинителство за организиран криминал во Република Србија, до Основниот суд Скопје 1 Скопје, беше поднесен обвинителен акт против двајца српски и петмина македонски државјани. На обвинетите им се ставаше на товар дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1, а еден од обвинетите се гонеше и за кривично дело Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 ст.1.
Обвинетите како меѓународна организирана криминална група во двете држави неовластено купувале, држеле, пренесувале и посредувале во продажба и купување на психотропни супстанции и прекурзори, како и опрема и материјали наменети за производство на психотропна супстанца – Амфетамин.
Дел од набавените материјали, супстанции и прекурзори, ги сместиле во објект во село Батинци, општина Студеничани, а дел во објект во Тетово каде инсталирале функционално техничко – технолошка целина во која започнале процес на преработка на различните материи, супстанции и прекурзори и производство на психотропна супстанца – амфетамин.
Во септември 2018 година, Основниот суд Скопје 1 – Скопје по дадени изјави за признание на вина на дел од обвинетите, донесе пресуда со која беа осудени на казна затвор и тоа: М.З.во траење од 11 години, С.К.- девет години, И.Ш.и З.Д на седум години и А.М. за двете дела на четири години. По жалба на ОЈО ГОКК по однос на висината на изречените казни затвор, второстепениот суд за обвинетиот М.З. казната затвор ја зголеми на 13 години, за С.К. ја зголеми на 11 години, за А.М. за двете кривични дела ја зголеми на единствена казна затвор во траење од шест години, а за обвинетите И.Ш. и З.Д ги потврди претходно изречените казни.