„Во временскиот период од 02.07.2018 година до 13.02.2019 година, обвинетиот сопственик на фирмата превозник и обвинетото одговорно лице за возниот парк на превозникот, не се придржувале кон прописите за безбедност на автобускиот сообраќај за масовен јавен превоз. Иако биле свесни дека може да настапи штетна последица, предизвикале опасност за животот и телото на луѓето кои се превезувале во автобусот на критичниот ден на релација Скопје-Гостивар. Имено, сопственикот на компанијата превозник единствено поседувал задолжителен сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај, како услов за добивање лиценца за вршење превоз на патници. Сепак, иако бил должен како одговорно лице, тој не организирал ниту пак трајно вршел контрола над исполнувањето на пропишаните услови за работа на возачите и на техничката исправност на возилата, со што постапил спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во исто време, тој не организирал ниту вршел контрола над целокупното работење на превозникот, не ги запознал возачите за придржување кон одредбите од Законот за работното време на мобилните работници во патниот сообраќај, не обезбедил редовно преземање на податоците од тахографот и не водел евиденција и проверка на времето на управување со возилата за секој возач посебно. Иако знаел дека не смее, раководењето со возниот парк го препуштил на вториот обвинет, кој не поседувал сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај. Притоа, во превозникот не се водела соодветна евиденција на поправките на автобусите, на работното време, паузите и одморите на возачите, а возачите биле оставени сами меѓусебно да го организираат возењето и да водат сметка за сите обврски кои се должност на одговорното лице во превозникот. Сопственикот на фирмата-превозник не водел сметка за исправноста на аналогниот тахограф и дозволил да се изврши манипулација на овој уред за да не ја регистрира правилно брзината на движење на автобусот. Обвинетиот раководител на возниот парк, пак, давал насоки на возачите каде да го однесат автобусот за да се изврши манипулација на тахографот со цел да избегнуваат казни за сообраќајни прекршоци. Свесни за континуираната техничка неисправност на автобусот, двајцата обвинети не презеле дејствија за поправка на битните делови од системот за сопирање на автобусот, знаејќи дека и во таква состојба автобусот ќе биде прогласен за технички исправен, затоа што техничките прегледи се вршеле во здружение во кое првиот обвинет исто така е одговорно лице-управител. На овој начин двајцата се обвинети дека сториле кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст.2 во врска со чл.297 ст.2 од Кривичниот законик.
Три други лица, вработени во станицата за технички преглед, се обвинети дека во соизвршителство сториле кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст.2 во врска со чл.299 ст.1 од Кривичниот законик. Ним им бил доверен надзорот врз состојбата и исправноста на автобусот, но заеднички, со несовесно вршење на должноста при задолжителен технички преглед, предизвикале опасност за животот и телото на патниците. На 02.07.2018 година, при редовен периодичен шестмесечен технички преглед, воочиле дека е неисправен ABS системот и дека постои недоволна ефикасност на кочењето од 32%, како и разлика од 56% меѓу силите на кочење меѓу левото и десното тркало на втората кочница од втората (погонска) оска. Сепак, во записникот за технички преглед не ги навеле овие неисправности и со свој потпис и печат го завериле записникот за технички преглед, прогласувајќи го возилото за технички исправно. При следниот технички преглед на 18.12.2018 година тие воопшто не го прегледале уредот за сопирање, за кој претходно знаеле дека е неисправен. Повторно изготвиле записник за технички преглед и потврда во кои навеле дека возилото е технички исправно.
Со обвинителниот акт е опфатен и возачот на автобусот на критичниот ден, 13.02.2019 година, кој е обвинет дека сторил кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст.2 во врска со чл.297 ст.1 од Кривичниот законик. Тој го управувал автобусот со 55 патници во него, по средната сообраќајна лента од автопатот „Мајка Тереза“, во правец од Скопје кон Тетово. Кога дошол во близина на селото Ласкарци, при изминување на благ свиок во десно, возел со недозволена брзина од 99 км/час. Притоа брзината не се регистрирала правилно на тахографот, бидејќи обвинетиот го управувал автобусот со вклучен прекинувач за неправилно бележење на брзината. Заради преголемата брзина, изгубил контрола над управувањето со автобусот, започнал лачна траекторија на движење во лево, преминал на левата сообраќајна лента и со предниот лев страничен дел од автобусот удрил во металната заштитна ограда. Преминал преку оградата и продолжил неконтролирано да се движи најпрвин преку средишното зеленило кое ги раздвојува двете сообраќајни ленти, преминал преку заштитната ограда за сообраќајната лента во спротивна насока и преку коловозот во спротивна насока. За ова време успеал да ја намали брзината на автобусот на 67 км/час пред да удри во последната заштитна ограда, но поради недозволената брзина и недоволно ефикасниот систем за кочење, излетал со автобусот 5,5 метри под нивото на автопатот, се излизгал преку регионалниот пат Скопје-Тетово и се превртел на покрив на земјена и тревна површина покрај патот.
Притоа, ценејќи дека постои опасност од бегство на осомничените и дека нивното присуство во текот на кривичната постапка не би можело да се обезбеди со поблага мерка, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје достави и Посебен предлог на шесттемина обвинети, кои во моментов се наоѓаат во куќен притвор, да им биде определена мерка притвор.
Основното јавно обвинителство Скопје, во врска со истиот настан, денеска поднесе и Обвинителен предлог против едно лице кое се товари дека извршило кривично дело – Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.
Овој обвинет, како одговорно лице во правното лице задолжено да врши проверка и контрола над работата на тахографот во автобусот, иако утврдил дека постои вграден уред за манипулација на апаратот, издал потврда и пополнил налепница со која ја потврдил исправноста и сообразноста со законски пропишаните барања. На овој начин тој очигледно несовесно постапил при вршењето на своите овластувања и овозможил на фирмата-превозник и на одговорното лице во неа да поседуваат доказ за исправноста на тахографот“, велат од обвинителство.