Неколку часа не функционираат трите најголеми светски социјални мрежи. Станува збор за социјалните платформи Фејсбук, Инстаграм и апликацијата Ватсап. Компанијата Фејсбук која е сопственик на трите платформи во која влегува и апликацијата Месинџер, на социјалната мрежа Твитер призна дека нејзините корисници имаат проблем со пристап до услугите, но не објаснија за причините во прекинот на достапноста. Светските новински агенции во своите анализи за причините за најголгиот прекин во достапноста на овие мрежи ја гледаат во можна саботажа или пак системска грешка.
„Експертите за безбедност што ја следат ситуацијата велат дека прекинот може да биде предизвикан од грешка во конфигурацијата, што може да биде резултат на внатрешна грешка, иако теоретски е можна саботажа од инсајдер“ се вели во анализата на новинската агенција Ројтерс.
Според анализата на Ројтерс која се повикува на Downdetector – платформа која само ги следи прекините собирајќи извештаи за статусот од серија извори, вклучително и грешки поднесени од корисниците на својата платформа – покажа дека имало повеќе од 50.000 инциденти на луѓе кои пријавиле проблеми со Фејсбук и Инстаграм. Прекинот може да влијае на поголем број корисници.
Дополнително одредени видео игри кои може да се најдат на социјалната мрежа Фејсбук соопштија на Твитер дека се сооочуваат со проблеми.
„Ако вашата игра не работи како и обично, имајте предвид дека имало проблем со серверите за најавување на Фејсбук и во моментот кога ова ќе се поправи, се ќе се врати во нормала“, соопшти компанијата која ја лансираше играта за сложување Метч Мастерс .
Според анализата на Ројтерс хакирање е помалку веројатно, затоа што масивен хакерски напад кој ќе успее да ја совлада една од најпопуларните социјални платформи во светот бара силна и многу иновативна технологија која чини многу пари.
Во меѓувреме акциите на Фејсбук, кој има скоро 2 милијарди дневно активни корисници, се намалија за 5,5% во попладневното тргување, што се приближи кон најлошиот берзански ден за Фејсбук.
Прекинот, кој ги погоди платформите на гигантот за социјални медиуми околу 17 часот доаѓа на само еден ден откако свиркачот на Фејсбук ја обвини фирмата дека постојано му дава приоритет на профитот. Свиркачот Френсис Хауген во интервју за американската ТВ емисија „ 60 минути “ го обвини Фејсбук дека ги засилувал своите алгоритми за откривање и блокирање на лажни вести под притисок на јавноста, за веднаш штом ќе помине притисокот да се врати „стариот“ слободен систем на ширење секакви информации во име на раст на мрежата.