Владата на Марио Драги на пат да падне

by fokus

Иако при денешното гласање за доверба на италијанскиот премиер Марио Драги, италијанскиот Сенат гласаше со 95 гласа „за“ и 38 „против“, Ројтерс во својот извештај оценува дека италијанската влада практично „падна“ бидејќи трите главни коалициски партнери на премиерот одбиле да учествуваат во гласањето за доверба на кое се повика со цел да се обиде да стави крај на поделбите и да го врати сојузот.

Од вкупно 321 сенатор, на денешното гласање во Горниот дом на италијанскиот парламент, 95 сенатори го поддржаа Драги, додека 38 беа против, меѓутоа, десетици сенатори го бојкотираа гласањето, оставајќи ја коалицијата на Драги фрагментирана.

Гласањето беше бојкотирано од сенатори од три партии од коалицијата на Драги: Форца Италија, десничарската партија предводена од поранешниот премиер Силвио Берлускони, потоа екстремно десничарската Лига, предводена од популистот Матео Салвини и од популистичкото Движење 5 ѕвезди (М5С ).

Драги поднесе оставка минатата недела, но претседателот Серџо Матарела ја отфрли и му рече да оди пред парламентот за да види дали може да заживее широка коалиција.

Марио Драги претходно повика на единство и наведе низа проблеми со кои се соочува Италија, од војната во Украина до социјалната нееднаквост и зголемувањето на цените.

„Единствениот начин, ако сакаме да останеме заедно, е да го обновиме овој пакт, заснован на храброст, алтруизам и кредибилитет“, рече Драги во отворениот говор пред Сенатот денеска, додавајќи дека многу Италијанци сакаат коалицијата да продолжи да функционира до следните избори.

Се очекува Драги сега да поднесе оставка бидејќи во неколку наврати повтори дека ќе остане на функцијата само доколку задржи големо мнозинство, што по денешниот бојкот се покажа како невозможно.

Поврзани новости