Поради проблеми со платформата за онлајн настава дел од учениците во основните училишта денес не успеаја да се вклучат и да ги одржат часовите.
Дојавите за бомби денеска ги принудија наставниците и учениците да се префрлат на Тимс-апликацијата и да продолжат со наставата онлајн, ама ни таму немаше настава. Мораа да се снаоѓаа преку Вибер.
Родители и наставници од неколку основни училишта се пожалија дека денес не е во фунцкија онлајн наставата.
„Тимс-апликацијата функционира и секој ученик со своето корисничко име и лозинка може да пристапи и да го користи профилот за вклучување во онлајн настава доколку во училиштето каде учи имало заканувачки дојави и од страна на наставниците е дадена таква насока. Добивме известувања од неколку училишта дека утрово имало прекин во функционирањето, односно користењето на Тимс, но по кратко време учениците се приклучиле со своите кориснички сметки“ – велат од МОН за „Мкд.мк“.
МОН до сите основни и средни училишта на 23 февруари препорача во деновите кога училиштата ќе добијат дојава за наводно поставена бомба да организираат онлајн настава.