Апелациониот суд денеска информираше дека ја укинале првостепената пресуда за случајот со масовното незаконско прислушување во УБК, односно случајот „Таргет и Тврдина“.
– Апелациониот суд Скопје при разгледување на првостепената пресуда констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се доведе во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик, се вели во соопштението од Апелациониот суд Скопје.
Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет во јавноста познат како „Таргет- Тврдина“ , по одржана јавна седница, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите Г.Г од С., Т.Ј од О., Г.Ј. од С., Н.Б. од С., С.М. од С., Н.Н. од С. и В.В. од В., изјавени преку нивните бранители и по повод жалбите и по службена должност ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување, а жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е беспредметна.
Основниот кривичен суд Скопје на 26 февруари 2021 година за случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК, изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица.
На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков Судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Судот на поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, во отсуство им изрече казна затвор од по 15 години.
Обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска доби четири години казна затвор за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски е осуден на шест години затвор за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, а началничката Надица Николиќ доби казна во траење од три години затвор за кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Судот им изрече условни затворска казна од две години на обвинетите Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски, за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување”. За обвинетата Валентина Симоновска Судот изрече условна казна затвор од две години за кривичнoто делo „фалсификување службена исправа“.
Судскиот процес започна на 22.12.2017 година против 11 лица. Во текот на постапката се одржани 53 рочишта, на кои се сослушано 123 сведоци, изведени 887 материјални докази и пет вештачења. Сослушани беа и голем дел од над 200 оштетени лица.