Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда со која на вкупно 25 години затвор беа осудени организаторите на „крвавиот четврток“, за што беа обвинети поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, поранешните министри, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски.
Апелација ги прифатила жалбите на обвинетите и предметот го врати на повторно судење пред Кривичниот суд. Жалбата на Обвнителството за гонење на организиран криминал и корупција за Апелација е беспредметна, а мерките за претпазливост на обвинетите остануваат во сила.
Апелација оцени дека при постапувањето во овој предмет биле сторени суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право – Кривичниот законик.
За Апелација е спорно е тоа што Кривичниот суд ги занемарил и приговорите што се однесуваат на Законот за амнестија, со којшто се запре кривичната постапка за дел од обвинетите за упадот на „27 април“.
-Првостепениот суд сторил и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 3 од Законот за кривична постапка, односно го повредил правото на одбрана на обвинетите која влијаела врз законитото и правилното донесување на пресудата и врз правото на обвинетите на правично судење, бидејќи не го расправил во доволна мера прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење.
Првостепниот суд не ги утврдил правилно и со сигурност сите решителни факти по однос на преземените процесни дејствија кои го исклучуваат кривичното гонење во смисла на член 416 став 1 точка 3 в.в со член 113 од Кривичниот законик. Ова, од причини што при постпувањето и одлучувањето во предметот, првостепениот суд ги занемарил истакнатите приговори, како во формална, така и во материјална смисла по однос на примената на Законот за амнестија (Сл.весник на РМ бр.233/2018) кој во член 1 став 1 и 2 ги пропишува условите кои се однесуваат на лицата поврзани со настаните од 27 април 2017 година, за ослободување од кривично гонење, за запирање на поведените постапки и ослободување од издржување на казната затвор, образолжуваат од Апелација.
Во јули 2021 година Кривичниот суд ги осуди затворски казни, Вељаноски, Јанакиски, Ристовски и Атанасовски. Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК на 6 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.