Главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина соопшти дека во Харков е убиен генерал-мајор на руската армија.
– Уште еден пораз меѓу врвниот тим на армијата на окупаторската земја. За време на битките кај Харков, елиминиран е Виталиј Герасимов – руски воен командант, генерал-мајор, началник на Генералштабот и прв заменик командант на 41-та армија на Централниот воен округ на Русија. Убиени се и ранети неколку високи офицери на руската армија, соопшти Управата.
Виталиј Герасимов учествувал во Втората чеченска војна и руската воена операција во Сирија. Добил и медал „за враќање на Крим“, соопшти Главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина.
Ако се потврди смртта на Герасимов, тој ќе биде вториот генерал од руската 41. армија кој загинал од почетокот на инвазијата пред 13 дена. На почетокот на овој месец, руските медиуми потврдија дека генерал-мајорот Андреј Суховецки загинал од снајперски куршум.