Недостигот на стручни кадри е една од причините за намалување на инвестициите на германските компании во земјава.
Бизнис климата во земјава ја оценуваат како добра или многу добра.
Анкетата спроведена меѓу германските инвеститори и компании членки на Македонско- германското стопанско здружение покажува дека 37 проценти од нив изјавиле дека имаат намера да ги намалат планираните тековни инвестиции, 33 проценти да ги остават на исто ниво, а 30 проценти да ги зголемат инвестициите.
Доколку овие податоци се споредат со минатите години може да се забележи дека има мало намалување во однос на инвестиците.
Дури 70 проценти од германските компании во земјава сметаат дека недостигот на стручни кадри е еден од најголемите ризици, а недостигот на стручни кадри се одразува врз тековното производство и на намалување на планираните тековни инвестиции.
Педесет и седим проценти сметаат дека и трошоците на работењето се еден од факторите за ризик, а 47 проценти сметат дека влијае и економско-политичката ситуација, истакна Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, надлежна и за Албанија и Косово на денешната прес-конференција во Скопје.
Сепак, како што беше посочено на прес-конференцијата, Северна Македонија останува атрактивна локација за инвестирање на германските компании за што говори податокот од анкетата дека 69 проценти од компаниите изјавиле дека повторно би инвестирале во земјава.
Германските инвеститори во земјава бараат продолжување на дијалогот со надлежните институции во земјава, консултации пред да се донесат законски измени кои би влијаеле врз нивното работење, зголемување на ефикасноста на администрацијата и завршување на инфраструктурните проекти.
Според Македонско- германското стопанско здружение, досега германските инвеститори во земјава немаат добиено директна понуда да дадат мито, но она со коешто се соочиле во работењето е дека некои процеси многу се пролонгираат, како на пример процесот на вадење работни дозволи за странци или други дозволи што им се потребни на компаниите, а за кои немаат конкретен одговор, односно не знаат зошто одлуката не е донесена, зошто се одбиени.
Во однос на рецесијата во Германија и како таа ќе се одрази врз земјава, според Ванделт, Северна Македонија може да профитира од тоа затоа што германските компании ги префрлаат своите производни капацитети во други држави.
„Наша проценка е дека тоа и во иднина ќе продолжи така – да се префрла се повеќе производството наваму, нагласува Ванделт.