Економијата на земјава во текот на оваа година ќе забележи пад од 5,4 отсто како резултат на последиците од пандемијата од Ковид-19, по што во текот на 2021 година ќе следи раст на БДП од 5,5 проценти, се наведува во октомвриската прогноза на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Со новото предвидување се ревидира прогнозата од април годинава, кога Фондот предвидуваше пад на македонскиот БДП за 2020 од четири отсто.
Според ММФ, тенденцијата на раст на економијата во земјава ќе продолжи и во следните години и во 2025 година ќе изнесува 3,5 проценти.
Во најновиот извештај, ММФ предвидува стапката на инфлација во земјава во 2020 година да изнесува 0,9 отсто, а догодина да достигне 1,3 проценти.
Од друга страна се проценува дека буџетскиот дефицит оваа година ќе достигне ниво од 4,7 отсто од БДП, а следната година од 3,8 проценти. Лани нивото на буџетски дефицит изнесуваше 2,8 отсто од БДП.
За земјите во регионот ММФ за годинава во најновиот извештај предвидува најголем пад на економијата на Црна Гора од 12 проценти, по што следуваат Грција со пад од 9,5 отсто, Хрватска девет проценти, Албанија и Косово по 7,5 отсто, Босна и Херцеговина 6,5, Турција пет, Романија 4,8, Бугарија четири и Србија со пад од 2,5 проценти.
За следната година меѓу земјите од регионот Фондот предвидува најголем раст на БДП на Албанија од 6,1 отсто, по што следуваат Косово и Хрватска со по шест проценти, Србија и Црна Гора 5,5, Словенија од 5,2, БиХ и Турција по пет, Романија 4,6 и Бугарија и Грција со раст од по 4,1 отсто.
За во 2025 година ММФ прогнозира дека најголем економски раст меѓу земјите од регионот ќе имаат Косово и Србија од четири проценти, пред Северна Македонија, БиХ, Романија и Турција со по 3,5 отсто, Албанија 3,4, Хрватска и Црна Гора по три, Бугарија 2,9, Словенија 2,3 и Грција раст од само еден процент.