Пад на акциите на Волстрит, инфлацијата највисока во изминатите 40 години

by fokus

На Волстрит синоќа цените на акциите паднаа бидејќи инфлацијата во САД достигна нови највисоки нивоа во изминатите 40 години, па инвеститорите стравуваат дека американската централна банка ќе мора да ја заостри монетарната политика поагресивно од очекуваното.

Dow Jones падна за 112 поени, или 0,34 отсто, на 33.174 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,43 отсто на 4.259 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,95 отсто, на 13.129 поени.

По силниот раст од претходниот ден, вчера индексите повторно беа во негативна траекторија бидејќи инвеститорите се загрижени за високата инфлација, откако беше објавено дека во февруари стапката на раст на потрошувачките цени достигна 7,9 отсто на годишно ниво, ново највисоко ниво во последните 40 години.

Ова, сепак, е во согласност со очекувањата на аналитичарите, но инвеститорите стравуваат дека остриот пораст на цените на нафтата и суровините од почетокот на војната во Украина пред две недели дополнително ќе ја поддржи зголемената инфлација. А тоа би ја принудило американската централна банка да ја заостри монетарната политика поагресивно од очекуваното.

Повеќето аналитичари очекуваат лидерите на ФЕД да ги зголемат клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени на седницата следната недела. Но, зголемената инфлација може да го принуди ФЕД да ги зголеми каматните стапки поагресивно во наредниот период.

Освен високата инфлација, нестабилноста на пазарот е последица и на нервозата на инвеститорите поради војната во Украина.

Вчерашните преговори меѓу шефовите на руската и украинската дипломатија не донесоа никакви резултати, па продолжуваат нападите на руската армија врз украинските градови.

Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс се намали за 1,27 отсто, на 7.099 поени, додека франкфуртски DAX потона за 2,93 отсто, на 13.442 поени, а париски CAC на 2,83 отсто, на 6.207 поени.

Поврзани новости