Овоштарите во тешка состојба, утре излегуваат на протест

by Fokus

Овоштарите од Преспа утре од 10 до 12 часот ќе одржат протестен собир на местото викано „Макази“ и ќе го блокираат регионалниот патен правец Битола – Ресен – Охрид.

Во изјава за МИА, членот на организацискиот тим Љубе Пампулевски истакна дека протестот е неизбежен затоа што Министерството за финансии не ги исплаќа преземените обврски кон преспанските овоштари.

-Протестот го организираме затоа што се уште не е исплатен надоместокот за предизвикана штета од невреме град и мраз во зимски услови од 2016 година, дел од 2017 година и 2018 година врз овошните насади. Веднаш сакам да истакнам дека ние имаме одлична соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ресорниот министер, но и покрај одлуката на Владата, за жал Министерството за финансии и по изгласаниот ребаланс во јуни, сепак овоштарите не ги добиваат своите пари, изјави Пампулевски.

Овоштарите од Преспа бараат итна средба со премиерот Ковачевски и министерот Бесими за надминување на проблемот во пресрет на бербата на јаболката која почнува за еден месец.

-Овоштарите се во тешка состојба. Имаме кредити кон домашните банки, извршители често се пред нашите врати, а дополнително на тоа се зголемуваат трошоците за енергија, нафта и нафтени деривати, земјоделски ѓубрива, како и други финансиски проблеми кои единствено можеме да ги решаваме доколку Министерството за финансии ги исплати средствата, нагласи Пампулевски.

Поврзани новости