Подобрување на менталното здравје на пациентите е причината поради која постоиме. Во иднина се гледаме како водечка специјална болница во регионот, со современа апаратура и стручен и обучен тим на доктори и здравствени соработници – ова се зборовите кои се објавени на официјалната страница на ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар, во делот каде се појаснува која е визијата на установата.
Но, фотографиите од оваа здравствена установа до кои дојде ,,Фокус” не само што се чиста спротивност на визијата, туку се и крајно вознемирувачки, и на нив се гледаат услови за пациенти кои најверојатно не може да се сретнат никаде во светот, кога се болниците во прашање.
Имено, вработени во установата, чиј идентитет е познат на редакцијата на ,,Фокус”, а кои инсистираат на анонимност, бидејќи се плашат за своите работни места, ни ги доставија фотографиите, со покана до министерот за здравство Арбен Таравари, да дојде, да понесе со себе и новинарски екипи со камери, и самиот јавно да каже дали овие услови се дозволиви за било каква јавна установа, а посебно за здравствена установа, каде пациентите престојуваат со цел да се подобри нивното здравје.
-Има околу 200 пациенти и околу 250 вработени. Насекаде, низ целата установа условите се катастрофа, а посебно е загрижувачка состојбата на одделенијата четири, пет и осум. Веќе пет месеци пациентите се буквално голи, оти немаат пижами, информацијата која ние ја имаме е дека пижамите заглавиле на тендер. Немаме чаршафи, за храната и да не појаснуваме, најевтини паштети, некакви чорби… Никаков квалитет, ниту пак хранлива вредност.
Има вошки, има разни кожни болести, ова е под секое човечко достоинство. Нека дојде министерот за здравство, нека се увери самиот во ова кое го зборуваме. Како во вакви услови, пациентите кои се лица со нарушено ментално здравје можат да се рехабилитираат, или евентуално да им се подобри состојбата?
Па овде и здрав човек да биде сместен, ќе се поболи!
Грев е за пациентите, но и нехумано за вработените кои се принудени да работат во вакво опкружување, без основни услови за работа и престој, велат нашите соговорници.
Додаваат дека овој период посетите во установата биле забранети, но и во минатото, кога доаѓале роднини на пациенти, и самите можеле да посведочат каде ги оставиле своите блиски да се лекуваат.
-Зборуваме за лица со ментална попреченост, и иако е можеби нехумано да се каже, многу од семејствата кои ги оставиле овде на лекување, тоа го направиле од немај каде, па затоа и молчат и не реагираат јавно за оваа нехуманост и за овие услови кои се под човечко достоинство. Опцијата им е таа, или овде, или дома, па затоа и решаваат да си молчат, помирени се со ситуацијата.
Затоа, како единствена можност да се сврти вниманието кон установата, решивме да ги искористиме медиумите, да реагираме вака јавно, да го повикаме и министерот Таравари, да дознае јавноста во какви услови престојуваат и се лекуваат пациенти. Еве ги фотографиите, па според нив нека се процени дали овде може да се добие квалитетна здравствена заштита, и дали овде воопшто некој може да живее? – прашуваат вработени во установата.
Инаку, ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар постои од 1956 година. Моментално на чело на установата е Жан Лозановски, кадар на ЗНАМ, кого министерот Таравари го именуваше на функцијата в.д. директор во август минатата година. Вработените потенцираат дека без разлика кој е на чело на установата, условите се тие и никако да се подобрат.
,,Фокус” се обиде да стапи во контакт и со директорот Лозановски, со цел да ја слушнеме и неговата страна на приказната, но и да добиеме одговор на прашањата дали и што конкретно ќе се превземе за подобрување на условите во установата, и дали евентуално се планира реновирање на просториите каде престојуваат и би требало да се рехабилитираат пациентите.
До објавата на веста, на ниту еден од телефонските броеви истакнати на официјалната страница на здравствената установа, не добивме одговор на повиците.
Вики Клинчарова