Ветуваа брда и долини, па сега не знаат како да ги оправдаат ветувањата, што приказна да измислат, а да не кажат дека лажат. ДУИ им беше главна мета за „стрелање“ во кампањата. По сѐ што изнакажаа во кампањата, јавноста очекуваше сите функционери од ДУИ што краделе, да завршат во затвор, односно да одговараат за злоупотребите што ги направиле во изминативе години додека беа на власт. Ниту еден од нив кого го обвинуваа дека крадел, не е ни блиску до затвор. Наместо законски и транспарентни истраги, ДУИ стана само плашило.
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Едно овчарче, кое си го пасело стадото со овци, еден ден почнало да вика: волк, волк! Сите соселани дошле да го избркаат волкот за да не му ги изеде овците. Ама овчарчето се смеело.
Му било смешно дека селаните наседнале на неговата лага. Па, му станало интересно и следниот ден пак почнал да вика: волк! волк!. Пак дошле селаните загрижени да му помогнат, а овчарчето пак се смеело.
По неколку дена, волкот навистина дошол. Овчарчето се исплашило и пак почнало да вика по помош. Ама овојпат никој не дошол. По неколку измами, селаните биле убедени дека пак лаже. Овчарчето залудно викало волк, волк! Никој веќе не му верувало и никој дошол. Волкот му го изел целото стадо овци.
Оваа поучна басна ни ја раскажувале и сме ја читале уште кога сме биле мали деца. И навистина е поучна, точно ни доловува зошто не треба да лажеме. Може на почеток ќе ни биде смешно дека другите сме ги надитриле, ама лагата, на крај, ќе ни се удри од глава.
И така барем јас ја сфаќам оваа басна, која кај нас како никој да не ја прочитал. Или ја прочитал, ама останала во некое мозочно ќоше, како небитна. Оти кај нас ова не важи. Лагата е престиж, а да те лажат е уживање.
Тоа се учи од мали нозе. Прво во семејството, па во училиште и на улица. Тој што ќе излаже на улица е најголем мангуп, а тој што ќе излаже на училиште нема никакви последици. А, пак, тој што ќе успее на работа да се извлече, да сработи помалку, а да добие повеќе, е тоа се успешните луѓе во Македонија.
Но, тие имаат една многу јака вештина, имаат добар пи-ар, по ново. Знаат да се претстават себеси таму каде што треба, да опишат сѐ што сработиле, иако ништо не сработиле. Тоа се цени кај нас, слушај што зборувам, не гледај што правам.
Освен ова, имаат и уште една доблест, што би се рекло. „Откуцуваат“ сѐ што треба и каде треба, без око да им трепне. Создаваат лажна реалност за себе, во која и самите живеат и мислат дека се успешни. Тоа е нашето „нормално“, преполно со лажни животи и лажни ликови.
Тоа не е успех, тоа е болно општество, кое треба да бара помош, да моли. Но, тоа не моли. Ужива во лагите што му ги сервираат. Особено политичарите. Особено, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кога лажат.
Почнаа да лажат во кампања, а продолжија веднаш откако седнаа во фотелјите. Ветуваа брда и долини, па сега не знаат како да ги оправдаат ветувањата, што приказна да измислат, а да не кажат дека лажат.
ДУИ им беше главна мета за „стрелање“ во кампањата. По сѐ што изнакажаа во кампањата, јавноста очекуваше сите функционери од ДУИ што краделе да завршат в затвор, односно да одговараат за злоупотребите што ги направиле во изминативе години додека беа на власт.
Ниту еден од нив кого го обвинуваа дека крадел, не е ни блиску до затвор. Дури и на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, обвинителството му го затвори предметот што го водеше со години, оти земјава ја остави без сервисирани „ер трактори“, кога гореше цела Македонија.
Едноставно, обвинителите не нашле тука кривично дело, ниту злоупотреба на службената положба, ниту на тендерите им нашле фалинка. ДУИ уште се борат да докажат дека тие се победници на последните избори.
Па, премиерот Мицкоски ги обвини дека се спремаат да ја дестабилизираат државата. Информации добил од повеќе канали дека раководството на ДУИ, во обид да го заштити капиталот, есенва ќе се обиде да ја дестабилизира државава, односно да испровоцираат етнички конфликт.
И министерот за внатрешни работи имал информации и најави за немири. Еве од 5 август досега, нема ниту еден уапсен дека подготвува етнички немири.
Ниту претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не се потресе на изјавите на премиерот, па уште го нема ни докомплетирано Советот за безбедност, а не па да го свика. Уште нема предложено свои тројца членови кои би биле дел од Советот како највисоко советодавно тело, кое ги разгледува прашањата поврзани со безбедноста и одбраната на Републиката.
Најави за протести и немири има, ама Тошковски вели дека МВР ќе одговори и ќе се справи со секој предизвик. Нема потреба од свикување на Советот зашто во овој момент безбедносната состојба не била загрозена.
Наместо законски и транспарентни истраги, ДУИ стана само плашило. А, немири уште нема, но има убиени невини луѓе. И тоа од осуденици што избегале од затвор, а полицијата не ги нашла.
Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, кој истовремено е и голем патриот и води патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ открива споменик на Тодор Александров и држи историски предавања како Александров бил рамо до рамо со Гоце Делчев. Но, не знае точно колку осуденици треба да бидат во затворите, а не се.
Писмени прашања не одговара, оти службеничките што му биле оставени од претходното раководство биле или на одмор или не работеле. Па, така тој кажува тоа што запамтил.
Тошковски запамтил дека над 200 затвореници избегале од затворите во време на СДСМ и ДУИ од „Идризово“ и од затворот во Шутка, ама отприлика. Пандов запамтил дека од 120 до 130 осуденици нема од затворите, а директорите на „Идризово“ и Шутка некаде 137 затвореници. Ама не моментално, туку постојано во годините.
Едни ги снемува, други се враќаат и така, никој не знае колку опасни криминалци ни шетаат сега по улиците. Најбитно е дека голем дел од браќата на Пандов од „27 април“ се надвор од затворите. Иако тој самиот пушта приказни во јавноста дека тие сакаат правда, а не помилување, дека ќе бараат повторно судење со нови докази, досега никој нема поднесено ниту еден нов доказ за да се повтори судењето.
Додека Пандов ги шири приказните за нови судења, повеќето од нив си излегуваат со медицинска документација, токму кога тој стана директор. А директорите под дифолт обожаваат да се сликаат со премиерот, особено ако е од ВМРО-ДПМНЕ. Кога отвораат реновирано катче во училиштата, кога фрлаат лопати и сѐ што треба.
Сите се задоволни од ВМРО-ДПМНЕ, особено наставниците, кои не излегуваат ниту на протест, иако им ветуваа зголемување на платите од септември од 15 проценти, кои не ги исполнија. Па, сега наместо од септември, министерката им вети дека ќе им ги покачи платите од март.
Но, на протест не излегуваат. Задоволни се и со ич. Претседателот на СОНК ќе ги продолжел преговорите, иако додека СДСМ беше на власт не му беше проблем не на протест, туку да ги „изнесе“ на штрајк наставниците со недели, а учениците да губат настава.
Сега се навредени оти СДСМ ги повикало на протест. Иако не треба никој да ги повика, слободно може и сами да си излезат. Како кога штрајкуваа за поголеми плати. Тогаш и ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа јавно, а сигурно и логистички, ама тоа не им беше навредливо.
Па, еве дојдоа на власт и пак учебници нема. И тие неколку книги што ги добија учениците, половина се распарталени. Ама битно на првиот училиштен ден ќе ја ислушаат химната на Македонија. За да се гордеат со својата татковина, што не им обезбедила пристојни услови за учење, не им обезбедила учебници.
Ама им обезбедила „другарчиња“ кои можат да ги малтретираат, оти нивните родители се чувствувале битни во општеството. Им обезбедила наставници со наведнати глави, кои молчат пред наредбите на директорите и власта и кои пишуваат најмногу петки.
А, ако некој од наставниците се спротивстави на очекувањата на разгалените родители или на директорот, веднаш ќе биде отстранет од работното место. И тоа никого не го интересира, битно е дека желбите и поривите на некои квазиинтелектуалци се исполниле.
Па, кој очекува во оваа држава правда и почитување на институциите, кога и самиот премиер не ги почитува. Пред медиумите пријавува дека се обиделе да го поткупат за Коридорот 8 односно, пругата кон Бугарија, со цел да ја прифати тендерската документација. Ама додека тој е премиер, нема да го прифател овој тендер.
Иако првпат кога обелодени кажа дека за ова ги известил сите надлежни институции и Брисел, Обвинителството кажа дека нема никаква пријава од премиерот.
По неколку дена, министерот Тошковски откри дека Министерството што го води постапува по пријавата на премиерот. Ама потенцираше дека премиерот кажал дека имало обид за поткуп, а не дека му нуделе поткуп. И тоа било државнички и одговорно што го споделил со јавноста.
Државнички и одговорно е да имате институции што ќе го повикаат премиерот и кои ќе го прашаат кој се обидел да му нуди поткуп за таков голем проект, кој е стратешка одлука на НАТО и на која ЕУ ѝ даде предност.
Државнички е да имате систем што функционира против корупцијата, но не е државнички да се расфрлате јавно со полувистините информации, само за да најдете оправдување зошто нема да ја градите оваа пруга, туку пругата што ја поврзува братска Унгарија со Грција.
Не е државнички да ветувате дека ќе ја намалите гломазната администрација, а да си измислувате ново директорско место за коалицискиот партнер ЗНАМ. И не е државнички да го игнорирате најголемиот синдикат на работниците, ССМ, со изговор дека работел по налог на опозицијата, оти вие не сте нашле решение да ја зголемите минималната плата.
И одеднаш да се појавува вмровскиот синдикален лидер Живко Митревски за по многу години да му текне дека нелегално бил сменет од лидерската функција.
Дури и скандалозната скопска градоначалничка ги разобличи, покажувајќи дека вината за хаосот во Скопје не е само нејзина. Туку во добар дел и на партијата што ја поддржа.
Бедни ви се лагите. Но, како што вели, секогаш премиерот повеќе од 400 илјади граѓани ги избрале нив. Но, не да бараат изговори за да ги оправдаат лагите, туку за да најдат решенија.
Ама кај нас не важи басната со овчарчето. Дел од народот е стадото овци, па и да ги изеде волкот, нема да плачат. Ќе се најде некое оправдување, ќе се излажеме. Па, и ние секој ден лажеме, само треба убаво да се претставиме. Лажливите овчари се главни.