Овации за симболот на македонската култура и уметност: ,,Танец“ е наша национална гордост!

by Fokus

Завчера, на 27-ми декември во МОБ, симболот на македонската култура и уметност, националниот ансамбл за народни игри и песни, „Танец“ го одржа традиционалниот концерт, во пресрет на новогодишните празници.

И овојпат ,,Танец” блесна во полн сјај, презентирајќи ги народните игри, песни и музика на највисоко уметничко и професионално ниво. Се редеа игри и песни од сите краишта на Македонија, а публиката уживаше во изведбата и интересните кореографии. Сцената на МОБ изобилуваше со боите на македонската носија, со ритмот на народниот мелос и виртуозната игра на членовите на ансамблот.

Исто така, за првпат публиката имаше можност да види нова постановка, кореографијата „Егејка“, а и да слушне стари македонски песни во нови аранжмани. Целиот настап беше награден со громогласен аплауз од публиката, која не штедејќи ги дланките го изрази своето задовлство од настапот.

Можеа да се слушнат коментари од типот -,,Танец” е нашата национална гордост и институција која со децении го негува нашиот фолклор.

Традиционално, „Танец“ докажа дека е вистинскиот симбол и презентер на богатата македонска народна традиција, изразена преку нашата вековна игра, песна и музика.

Ансамблот постои цели шест децении и е наш голем амбасадор кој го презентира културното богатство во земјава и светот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости