Оваа Влада покажа дека се грижи за нас, вели Ирена Спасовска која ги водеше преговорите за финансиска помош за музичарите

by fokus

Над 372 илјади евра деновиве завршија на сметките на наши естрадни уметници кои беа погодени од корона кризата. Владата им додели по 30.750 денари на 745 естрадни уметници, кои ги исполнувале критериумите, а на јавниот повик се пријавиле дури 1.633 лица.

Фолк пејачката Ирена Спасовска, која е член во Управниот одбор во Здружение на естрадни уметници на Македонија, ЗЕУМ, и која ги иницираше преговорите со Владата за добивање на помош уште лани, за ,,Фокус” вели дека упатува благодарност до Владата, посебно до заменик претседателот на Владата, Фатмир Битиќи, до министерот Оливер Спасовски и до координаторот Роберт Алаѓозовски, бидејќи имале слух за барањата на музичарите.

Таа појаснува дека е горда што е првата од естрада која успеала да го стави проблемот на маса, и да испреговара за добивањето на финансиската помош за околу 70 музичари уште минатата година. Вели дека тогаш заедно со колегите Горјан Стојановски, кој е претседател на ЗЕУМ и Душко Георгиевски направиле селекција на еминентни музички имиња, и Алаѓозовски и Спасовски покажале волја за решавање на проблемите на естрадните работници.

-Тоа беше само почеток. Потоа преку ЗЕУМ успеавме уште два пати да обезбедиме помош. Кон крајот на декември на 730 музичари им беа исплатени по 43.552 денари на сметките, односно околу 517 илјади евра беа одвоени за естрадните уметници. Сега, оваа помош од по 30.750 денари, која веќе е на сметките на моите колеги, наменета е на оние кои се членови на регистрирани музички здруженија, кои немаат пензија и чии месечни приходи не надминуваат 15.000 денари, кои не користат некои од програмите за социјална помош и имаат потполнето годишна даночна пријава. Моментално работиме на оформување на Стопанска комора со која конечно ќе се искристализираат уметниците, но и ќе се искласифицираат, па ќе се работи со лиценци, а не како во минатото – појаснува Спасовска.

Музичарите исто така беа вклучени и во финансиската помош од еден милион евра, како подршка за индустријата за организација на настани на теми со кои одбележува 30 години независност на Македонија. Овие средства се распределени на 33 правни лица, односно на продукции и друштва за сценско-културни дејства, за проекти кои содржат музички концерти, театарски претстави, предавања, туристички прошетки, едукативни работилници, поетски читања и друго, со задолжително ангажирање на домашни изведувачи.

За помошта од по околу 500 евра, која минатата недела им беше исплатена на музичарите, вели дека доаѓа во време кога веќе настапуваат, но била наменета за оние месеци, во кои немаа настапи и претрпеле големи загуби.

-Незадоволни се оние музичари кои работат и некоја друга работа, или пак по некој основ земаат помош од државата, бидејќи не беа опфатени во овој пакет. Лани во декември сите добија помош, но сега ЗЕУМ со преговорите успеа да им обезбеди финансиска помош на оние кои немаат никакви примања. Очекувани беа сите реакции од страна на музичари кои не ги исполнуваа условите, па го истурија незадоволството врз здружението. И покрај тоа, ние од одборот заедно со претседателот Стојановски, ги оценуваме овие преговори како успешни, бидејќи за прв пат ЗЕУМ е третиран од државата како што доликува и се имаше слух за барањата на музичарите. Поради тоа, освен што ги прогласивме преговорите за успешни, свесни сме дека работите одат во позитивна насока – вели Спасовска.

Околу новите промени на естрадата, раскажува дека сега музичарите плаќаат членарина и добиваат членска книшка, без која повеќе не ќе може да се настапува.

-Тоа е исто како кога го регистрираме возилото и го возиме, но не добиваме бензин за патувањето, ниту очекуваме нешто друго. На оваа помош која ја обезбеди ЗЕУМ треба да се гледа како на еден бонус. Ние од тимот, јас, Стојановски, Самарџиев, Мојсовски, Ливрински, Милошевски и други, сме горди на сработеното. Ова е почеток на една етапа во која ќе се случуваат убави работи на естрада, а зад уметниците ќе стои здружението – тврди таа.

Се наврати и на реакциите на јавноста околу гостувањата на странски пејачи во земјава и вели дека лично таа, но и здружението, немаат ништо против пејачите од соседството, но во време на пандемија, кога кубуреле со настапи поради ригорозните протоколи, ѕвездите од регионот собирале и по 3.000 луѓе на настап.

-Таков беше случајот со настапот на црногорскиот пејач Владо Георгиев минатата година, па поради она кршење на мерки на неговиот концерт, на крај сите ние останавме без работа и беа забранети настапите во живо. Исто така и сега, по сите нивни концерти, пак ќе останеме без работа, бидејќи гледаме дека бројките на новозаразени повторно растат. Државата секогаш треба да си ги штити своите граѓани и уметници, да не дозволи во овие услови ние да останеме без работа, поради некој од страна- раскажува Спасовска.

Додава дека искрено се надева како нема повторно да останат без работа поради пандемијата, за да нема потреба повторно да бараат помош од државата.

-Овие два месеци се вративме во колосек и би било убаво да се најде решение да се продолжи со работа. Нашето здружение не е исполитизирано, па би ги замолила членовите, да останеме достоинствени, да не се меша политика. Било кој да беше на власт, ние ќе ги имавме истите барања, и благодарни сме што оваа Влада ни излезе во пресрет. Да се молиме ова зло со вирусот да биде зад нас, за да можеме да си работиме и заработуваме нормално, тогаш сите ќе бидеме задоволни – изјави Спасовска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости