Она кое за многу музичари во Македонија е научна фантастика, овде во Америка, ако си вреден и талентиран, со работа може да се постигне за кратко време. Веќе четири години откако од родното Неготино заедно со сопругата Даниела се преселив во САД, и можам да кажам дека вратите на успехот ми се отворија – за „Фокус“ раскажува Александар Петров, познат во јавноста како Вукац МЦ.
Уште пред повеќе од една деценија тој се појави на македонската рап сцена, но по некое време се откажал од својот сон, бидејќи сфатил дека за успех му се потребни големи финансиски влогови. Кога во 2018 година сопругата му беше извлечена на Лотаријата за зелена карта, и заедно се преселија во Америка, повторно решил да се посвети на животната желба – да стане познато име во музиката.
-Ја промовирав мојата авторска песна „In the stars“ која ја изведувам заедно со американските рапери Tayglo и Real AP. За истата снимивме и видео запис, прикачен е на платформата Вево. Откако дојдовме во Америка, напорно работам, и постојано вложувам во музиката. Но, ме радува тоа што овде се постигнуваат резултати многу побргу отколку во Македонија. Со оваа моја нова екипа, веќе имаме договорено настапи. И двајцата рапери случајно ги запознав, ги тестирав, и сфатив дека ова е магија, премногу сме добри заедно – вели Вукац.
Тој имаше и учества во неколку музички оналјн натпревари во Америка, и вели дека полека, но сигурно кариерата му оди напред.
-Работам, правам пари, вложувам во музика, рапувам… Се борам и верувам дека вистинскиот хит со кој цела Америка ќе слушне за мене, каде и да е, ќе се појави. Сопругата ми е поддршка, за мене и за неа го правам сето ова, за да ние уживаме во животот и да го оствариме она по кое копнееме. Преку ноќ не се доаѓа до голем успех, затоа одам чекор по чекор, имам трпение, но забележително е колку овде нештата побргу се движат, за разлика од кај нас. Нема овде кој си, на кого си, важно е да понудиш музика која ќе ја прифати публиката. Години од мојот живот посветив на рап музиката, верувам дека сега таа посветеност и труд ќе ми се исплатат. Одам во добра насока, творам, настапувам – вели Вукац.
Тој ја промовираше својата прва рап песна во 2008 година, а потоа сними уште десеттина авторски песни. Лани пак, во Америка ја сними песната „I step on the gas“. За враќање во Македонија не размислува, освен за доаѓање на летување, за да се види со блиските луѓе.
Вики Клинчарова