Ова е теренот на кој се бара Петар, потребни се доброволци!

by fokus

Условите во кои се трага по 10-годишниот Петар веќе трет ден, се многу лоши. Има многу снег, минусни температури, а момчето е слабо облечено.

Како потсетување, Петар кој е дете со попреченост, исчезна во атарот на Врбско, Мариовско, каде бил со неговиот татко, кој таму одгледувал пчели.

Сосетка на семејството, Марија, чиј сопруг заедно со таткото на Петар и доброволци е вклучен во потрaгата, за ,,Фокус” вели дека нема многу доброволци, бидејќи поради снежните наноси не е проодно и потрагата оди тешко.

-Петар уште не е најден. Од информациите кои ги имам, синоќа си заминала војската која беше вклучена во потрагата. Го бараа со кучиња трагачи, со хеликоптери, но безуспешно – вели таа.

Додава дека на локацијата нема мрежа, што е дополнителен проблем за непречена комуникација.

Мајката и таткото на Петар биле премногу исплашени и вознемирени, и Марија вели дека сите се молат момчето што побргу да се најде.

-Петар е со попреченост, тој не зборува. Ако го повикаш, нема да дојде, туку ќе се исплаши и ќе побегне. Потребни се луѓе, потребни се дронови, секоја минута е важна – порача таа.


Вики Клинчарова

Поврзани новости