Ова е приказната на Никола, момчето на кое му е потребна помош од хуманиот народ!

by fokus

Никола Ѓорѓиев, младо момче од Скопје, кое за неколку месеци треба да биде матурант, изминатиот период ја крена јавноста на нозе. Неговите апели за помош од хуманите граѓани се споделуваат на социјалните мрежи, со цел да се соберат доволно средства за неговото скапо лекување, кое треба да започне на клиника во Турција.

Никола се бори со лоша болест, рак на коските, а дијагнозата ја дознал пред околу два месеци. За ,,Фокус” раскажува дека се започнало откако му паднале забите, а по извршените испитувања, дијагнозата му дошла како голем шок.

-Никој на мои години не очекува дека ќе се соочи со ваква битка. Ученик сум во четврта година средно училиште, се подготвував да бидам матурант.
Кога ја дознав дијагнозата, ми беше препишана терапија, започнав со хемотерапии. Од терапиите ми се влоши состојбата, и јасно ми беше дека морам да барам друг начин за да се изборам за живот.

На клиниката во Турција треба да заминам во понеделник. Ќе имам придружба, дедо ми ќе доаѓа со мене. Методите на лекување кои се користат таму се поразлични и посовремени од кај нас, верувам дека ќе ми помогнат да се излекувам.
Првичната сума која ми е потребна е над 110.000 евра. Знам дека тоа се многу пари, но верувам во солидарноста на нашиот народ, се надевам дека ќе ми помогнат да се соберат овие средства и да добијам шанса за живот – вели Никола.

Неговиот дедо, со кого исто така разговаравме, вели дека е пензионер, живеат со скромни примања, и биле принудени на овој чекор, да побараат помош од јавноста.

Се апелира до сите хумани граѓани, до сите општествено одговорни компании, до нашите иселеници во дијаспората, да се вклучат во хуманата акција и да донираат за Никола.

За ,,Фокус” тој вели дека го сака животот и сака да им се врати на безгрижните денови. Како бебе останал без татко, а грижата за него ја презеле родителите на татко му, кои даваат се од себе да се надмине овој лош период.

Од вчера се отворени телефонски линии за донации, А1- 143 488 и Т – 143 117.

Сметките на кои може да се донира се- Стопанска банка – 200 003717578051 и Девизна сметка на Стопанска банка – IBAN Code – MK07200004066300617

Вики Клинчарова

Поврзани новости