Помина еден месец од исчезнувањето на мојата сопруга Злата Јанкова (45), а случајот тапка во место и нема никаков нов траг кој би не довел до неа, за ,,Фокус” раскажува Дејан, сопруг на жената од Свети Николе, која исчезна среде бел ден на 16-ти јуни, кога од селото Орел тргнала да си оди дома.
За случајот ,,Фокус” пишуваше во неколку наврати. Злата е семејна жена, мајка на два сина од кои едниот е малолетен, а постариот живеел во странство. Со сопругот имале викендичка и се занимавале со земјоделство во селото Орел, од каде како и секогаш во недела на ручек, тргнала да си оди дома во Свети Николе. На сопругот му кажала дека ќе си оди со такси, но подоцна било утврдено дека таа воопшто не повикала такси. Телефонот и се исклучил наредниот ден.
Се организирале голем број на потраги насекаде во околината, биле вклучени кучиња трагачи и дронови, но жената не е пронајдена.
-Не оти беше моја сопруга, но таа навистина секогаш беше неверојатно одговорна личност, стабилна, семејството и беше се. Никогаш своеволно не би заминала, без никому да каже. Со синовите минуваме низ еден кошмарен сон од кој никако да се разбудиме. Многу ни е тешко, кој да помислел дека вакво нешто некогаш ќе ни се случува.
Редовно ѕвонам во полиција, прашувам дали воопшто има нешто ново, одговорот секогаш е ист – Истрата е во тек!
Замолувам за ажурност, замолувам случајот да не падне во заборав. Да не се заборави мојата сопруга, да се трага активно по неа додека да се најде. Не знаеме дали е мртва или жива, но надежта не ме остава, постојано очекувам од некаде да се појави.
Не е игла во пласт сено, па да се изгуби, не е исчезната во некој голем град, па да не може да се најде. Среде бел ден, во мало село каде секој посетител кој ќе дојде, сите ќе го видат, во едно такво мало место е исчезната. Како е тоа можно? – прашува сопругот.
Минатиот месец раскажа дека еден од мештаните, додека работел на нива дента кога исчезнала Злата, забележал автомобил голф со сребрена боја, со скопски регистарски таблички и две жени во него. Не знаеле дали Злата била во него, но тој мисли дека доколку некоја жена запрела и и понудила да ја превезе, таа не би се плашела и би влегла во автомобилот.
-Остануваат неодговорени прашањата дали некој ја пресретнал по патот, дали можеби се случила некоја несреќа… Дали таа се нашла на погрешно место, во погрешно време?
Долгови немаме, непријатели немаме. На почеток кога се објави за случајот, се споделуваше нејзината фотографија, еве сега, со тек на време, гледам дека случајот паѓа во заборав, а ние не сакаме јавноста да и го заборави ликот. Сакаме нејзината фотографија да допре до цела Македонија, до секого, па можеби некој кој ја видел и има било каква информација, ќе ни се јави.
Да потенцирам дека исчезна една мајка, сопруга, домаќинка, тивка и мирна жена. Мораме да ја дознаеме вистината што се случило со неа и кој и што стои зад ова. Таа самата, по своја желба, не би ги оставила ниту децата, ниту мене, посебно не на ваков начин.
Ја замолувам јавноста, споделувајте ја фотографијата, помогнете ни!- низ солзи замолува Дејан Јановски.
Иако е исчезната цел месец, сепак фотографијата на Злата и нејзините лични податоци не се објавени на страницата на МВР за исчезнати лица. Пошироката јавност дозна за случајот и го виде ликот на жената по која се трага, откако за истиот се објави во медиумите.
Доколку било кој има некаква информација за случајот, да пријави во полиција.
Вики Клинчарова